Skip to main content
hJCQpzo-7Sc

Од Кичево, преку Скопје, до најновата истрага во кумановско – приказните за сериските убијци во Македонија

Криминолозите со години предупредуваат дека кај сериските убијци речиси секогаш постои препознатлив шаблон – избор на слични жртви, идентичен начин на напад и повторување на злосторството во одреден временски период. Во Македонија, најчесто жртви биле осамени и постари жени, што според експертите укажува на избор на „лесна мета“

Новите детали од истрагата за случајот во Старо Нагоричане повторно ја отворија една од најморничавите теми во македонската криминална историја – сериските убијци. Осомничениот, кој првично беше поврзан со едно убиство, сега се доведува во врска и со уште две убиства и два обиди за убиства на жени, а истрагата проверува дали зад сите напади стои ист сторител.

Според досегашните информации, жртвите биле жени од рурални средини, а истражителите анализираат дали постои идентичен модел на напад и избор на жртви. Случајот предизвика вознемиреност во кумановскиот регион, особено поради сомнежите дека дел од нападите можеби со години не биле поврзани меѓу себе.

Иако Македонија ретко се соочува со случаи на сериски убијци, архивите паметат неколку злогласни имиња што со години предизвикувале страв во јавноста.

Најпознат е случајот со Владо Танески, новинар од Кичево, кој во 2008 година беше уапсен под сомнение дека убивал жени во кичевскиот регион. Истрагата, на којашто се темелеше обвинението, тогаш покажа морничав шаблон – жртвите биле силувани, задавени, а потоа нивните тела фрлани на депонии, завиткани во најлонски вреќи. Особено шокантно за јавноста беше што Танески, како новинар, детално известувал за злосторствата, внесувајќи информации што во тој момент не биле познати во јавноста. Пред да почне судскиот процес, тој беше пронајден мртов во затворот во Тетово.

Меѓу најморничавите случаи во македонската криминална историја е и оној на охриѓанецот Лазе Радески, кого медиумите и јавноста го нарекоа првиот сериски убиец во Македонија. Во периодот од 2006 до 2008 година, Охрид беше потресен од серија убиства на девизни дилери, а стравот во градот растеше бидејќи долго време немаше трага од сторителот.

Истрагата подоцна откри дека зад злосторствата стоел Радески, кој жртвите ги намамувал под изговор за размена на девизи, а потоа ги убивал со чекан и нож. Според судските документи, тој беше осуден за три убиства, иако во јавноста со години се шпекулираше дека бројот на жртви е поголем.

Случајот предизвика дополнителен шок поради деталите што излегоа во текот на истрагата, меѓу кои и тврдења дека на една од жртвите ѝ било извадено срцето. Токму поради бруталноста, случајот на Радески и денес се смета за еден од најстрашните во поновата македонска историја.

Во 2009 година Основниот суд во Охрид му изрече доживотен затвор.

Во Скопје, јавноста и денес го памети случајот на Виктор Карамарков, наречен и „македонскиот Расколников“. Во периодот од 2009 година убил четири постари жени, а бил поврзуван и со повеќе обиди за убиства и грабежи. Според сведочењата и медиумските извештаи, по убиствата одел во црква да бара прошка. Судот му изрече доживотен затвор.

Има и случаи што никогаш формално не биле означени како „сериски“, но јавноста ги перцепирала така поради повторувачкиот модел на насилство. Во струмичко, случајот со Марјанчо Велев со години предизвикуваше страв кај населението, особено поради нападите врз повозрасни жени во рурални средини.

Најновиот случај од Старо Нагоричане повторно отвора дилеми дали институциите навремено препознаваат вакви модели на насилство. Според информациите од истрагата, осомничениот не се товари само за едно убиство, туку се проверува негова можна поврзаност и со други напади врз жени.

Криминолозите со години предупредуваат дека кај сериските убијци речиси секогаш постои препознатлив шаблон – избор на слични жртви, идентичен начин на напад и повторување на злосторството во одреден временски период. Во Македонија, најчесто жртви биле осамени и постари жени, што според експертите укажува на избор на „лесна мета“.

Иако бројот на вакви случаи е мал во споредба со други држави, секој од нив оставал длабока траума во јавноста. Од Кичево, преку Скопје, до најновата истрага во кумановско – приказните за сериските убијци остануваат меѓу најмрачните страници во македонската криминална хроника.


 

  • Виктор Карамарков („Расколников“)
    Роден 1981 во населбата Ѓорче Петров.
    Уби 4 постари жени во Скопје во 2009 година.
    Методи: тап предмет и секира, кражба на златен накит, посетување на црква по секое убиство.
    Жртви: Љубица Христовска (83), Босилка Красојевиќ (71), Вера Богоевска (76), Елена Милева (69).
    Обиди за убиства: Марија Атанасовска (79), Смиља Петровска (73), Сание Сулејмани (42).
    Осуден на доживотен затвор.

  • Владо Танески Новинар за црна хроника кој живеел двоен живот.
    Уби жени во Кичево (2004–2008)
    Методи: силувани, мачени, задавени со телефонски кабел.
    Жртви: Живана Темелкоска (65), Митра Симјаноска (64), Љубица Личоска (56).
    Се самоубил во затворската ќелија.

  • Лазе Радески Првиот откриен сериски убиец во Македонија.
    Уби 3 жени-дилери на девизи во Охрид (2006–2008).
    Методи: удар со чекан во главата, нож, пренесување на телата со автомобил.
    Жртви: Ракип Раим (28 мај 2006), Спиро Ставрески (8 февруари 2007), Трајче Цоцески (12 април 2008).
    Осуден на доживотен затвор.

 

Поврзани вести