Skip to main content
Д-р Александар Танушоски

Секоја жена треба да го сфати своето здравје како приоритет, а не како нешто за кое се оди на лекар само кога има проблем

Во организација на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) во тек е Недела на женско здравје која ќе трае до 17 мај. Централната манифестација на 15 и 16 мај во Хотел „Холидеј ин“ во Скопје, а во текот на целата недела се одржуваат дебатни сесии со најнови стручни сознанија, проследени со отворена дискусија на учесниците.

На неделата за женско здравје свои излагања ќе имаат проф. д-р Глигор Тофоски, претседател на МАГО, проф. д-р Роса Наумовска, д-р Александар Бојаџиев, проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев, проф. д-р Сашо Стојчевски, при, д-р Ленче Неловска, проф. д-р Игор Алулуоски, д-р Марија Јоксимовиќ, д-р Ива Малахова Ѓореска, проф. д-р Елена Џикова, Проф. д-р Слаѓана Симеонова, Прим. д-р Ирена Тодоровска, Проф. д-р Александар Петличковски, Проф. д-р Ана Данева Маркова, Проф. д-р Александра Грозданова, Проф.д-р Катерина Николоска и специјализнатите Д-р Ангела Трајковска Попов, Д-р Александар Танушоски, Д-р Ајше Мифтари Веџиу, Д-р Пема Абдија, Д-р Ана-Марија Кувенџиeска и Д-р Онур Дика.

Д-р Александар Танушоски ќе предава на темата „Индукција на овулација кај женски инфертилитет“ и со него разговаравме за тоа кои се најважните вештини што се учат во текот на специјализацијата на ГАК, какво е неговото искуство, со какви случаи најчесто се среќаваат…

Најважните вештини што се учат во текот на специјализацијата по гинекологија и акушерство се пред сè клиничкото размислување и брзото донесување одлуки, особено во ургентни ситуации. Паралелно се развиваат практични вештини – водење на породување, изведување гинеколошки прегледи и асистенција или самостојно учество во оперативни зафати. Исто така, многу значајна е комуникацијата со пациентките, која вклучува објаснување на состојби, смирување и градење доверба. Не помалку важни се тимската работа и организацијата, бидејќи оваа специјалност бара постојана координација со колеги од различни области, вели д-р Танушоски во разговор за „Република“.

Најмногу ме изненади непредвидливоста и брзината со која се менуваат клиничките состојби. Дополнително, големата одговорност – истовремено за мајката и плодот – како и потребата за брзо донесување одлуки под притисок. Исто така, сфатив дека практичните вештини и комуникацијата со пациентките се подеднакво важни како и теоретското знаење, вели тој.

Пред да ја почне специјализацијата, тој имал основна претстава како тоа ќе тече, но признава дека не бил целосно свесен за обемот и интензитетот на одговорноста и динамиката.

Дури со започнувањето сфатив колку е непредвидлива работата, колку брзо треба да се носат одлуки и колку се важни практичните вештини и искуството во секојдневната клиничка пракса. Најчесто работиме со физиолошки бремености и породувања, но и со ургентни состојби како предвремено породување, абортуди, крварења и инфекции. Од гинеколошки аспект, чести се прегледи за стерилитет, како и третман на бенигни и малигни заболувања, вели д-р Танушоски.

Специјализацијата бара постојано учење и усовршување на практични вештини и баланс меѓу интензивната работа, дежурствата и приватниот живот, како и справување со стресот и емоционалниот товар од работата.

Најголемите предизвици се носењето одговорни одлуки и справувањето со ургентни, понекогаш животозагрозувачки ситуации, вели тој.

На прашањето дали недосига кадар во македонското здравство тој вели:

Не би рекол дека има недостиг на кадар, особено во однос на специјализанти по гинекологија и акушерство. Сепак, проблемот повеќе лежи во недоволно добриот менаџмент и нерамномерната распределба на кадарот низ болниците во Македонија. Тоа доведува до ситуации каде што некои установи се преоптоварени, додека во други има помал обем на работа, што директно влијае врз искуството, оптоварувањето и професионалниот развој на младите лекари.

Според д-р Танушоски, денес е подобрена информираноста жените за превентивните прегледи, но тоа не е на задоволително ниво.

Дел од жените редовно прават превентивни прегледи, но кај многу сè уште недостасува свесност за нивната важност, особено кога нема симптоми. Потребна е континуирана едукација и поголема достапност до скрининг програми за да се зголеми опфатот. Генерално, младите жени сè повеќе внимаваат на репродуктивното здравје, особено во делот на контрацепција и редовни гинеколошки прегледи. Сепак, сè уште постои дел кој доаѓа на преглед само при појава на симптоми, наместо превентивно. Тоа покажува дека превентивната грижа се подобрува, но сè уште не е целосно прифатена како навика. Иако ситуацијата се подобрува, сè уште како табу теми се јавуваат сексуалното здравје, особено сексуално преносливите инфекции, неплодноста и проблемите со зачнување, како и менструалните нарушувања. Делумно табу се и теми поврзани со менопауза, уринарна инконтиненција и сексуална дисфункција. Овие теми често се избегнуваат или недоволно се дискутираат, што влијае на навременото барање медицинска помош, вели д-р Танушоски.

На прашањето дали младите лекари имаат доволно поддршка во здравствениот систем, д-р Танушоски смета дека поддршката постои, но не е секогаш конзистентна и зависи од установата и тимот во кој работи младиот лекар. Во некои центри има добра менторска структура и можност за учење, но генерално младите лекари често се соочуваат со големо оптоварување. Затоа, системска и поорганизирана поддршка би значела побрз и поквалитетен професионален развој.

Тој би го подобрил процесот на специјализација со појасна и порамномерна распределба на практичната обука, со поголема структурирана менторска поддршка и континуирано следење на напредокот.

Исто така, би се зголемила изложеноста на специјализантите на различни типови случаи и би се намалиле административните и нерелевантни оптоварувања, за повеќе време да се посвети на учење и практична работа, вели д-р Танушоски.

Колку современата технологија и опрема помагаат во работата?

Современата технологија и опрема значително ја подобруваат дијагностиката и третманот во гинекологија и акушерство. Ултразвукот, лабораториските анализи, феталниот мониторинг и минимално инвазивните техники овозможуваат побрза, попрецизна и побезбедна проценка на пациентките и плодот. Воедно, ја зголемуваат сигурноста во одлуките и го намалуваат ризикот од компликации. Вештачката интелигенција во медицината сè повеќе помага во рана дијагностика, анализа на слики (како ултразвук), предвидување на ризици и персонализиран третман.

Според него, редовната грижа за сопственото здравје, преку превентивни гинеколошки прегледи и навремено јавување при било какви симптоми, е клучна за рано откривање и успешно лекување на многу состојби. Секоја жена треба да го сфати своето здравје како приоритет, а не како нешто за кое се оди на лекар само кога има проблем.

Што јавноста најчесто не го гледа зад работата на еден специјализант?

Јавноста најчесто не го гледа континуираниот замор, долгите дежурства и одговорноста која трае 24 часа, како и постојаното учење надвор од работното време. Не се гледа ниту емоционалниот товар од тешки случаи, брзите одлуки во критични ситуации и постојаната потреба да се биде достапен и фокусиран, без разлика на условите.

На прашањето што значи да се биде млад лекар денес во Македонија, д-р Танушоски вели:

Да се биде млад лекар денес во Македонија значи комбинација од голем професионален предизвик, силна желба за успех и постојано соочување со реални системски и финансиски потешкотии. Од една страна постои ентузијазам за учење, напредување и градење кариера, а од друга страна се присутни оптовареност, ограничени ресурси и понекогаш несоодветна финансиска и организациска поддршка. Тоа бара голема издржливост, посветеност и мотив за да се остане и да се напредува во системот.Мотивот за подобрување на здравствените услуги во Македонија лежи во желбата за обезбедување поквалитетна, побезбедна и подостапна здравствена грижа за пациентите. Тоа подразбира унапредување на организацијата, поголема инвестиција во кадар и опрема, како и континуирана едукација на здравствените работници. Крајната цел е систем кој ќе овозможи навремена дијагностика, ефикасен третман и подобро искуство за пациентите.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Поврзани вести