
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова вечерва се обрати на приемот во пресрет на дводневниот, традиционален Самит на Македонија 2025 и ги врачи признанијата за придонес на припадниците на дијаспората.
Признанието во соработка со Македонија 2025, се доделува на истакнати личности од дијаспората за нивниот придонес во зачувување и афирмирање на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности, како и јакнење на националните и државни интереси и капацитети.
Со емоции на гордост и на тага, претседателката истакна дека иако физички се далеку од тука, нашинците во дијаспората и натаму се врзани за татковината. Таа потсети на зборовите на Бернард Шо дека може да смените сè: идеологијата, облеката, поведението, ама татковината – не!
Таа е горда на нашите успешни професори, лекари, инженери, научници, претприемачи и интелектуалци кои, со дисциплина и истрајност, изградиле респектабилни кариери во странство. Но, посакува и очекува постојана економска и друга соработка со нив, па и нивно, физичко присуство меѓу нас.
Осврнувајќи се на Самиотот Македонија 2025, Сиљановска-Давкова укажа на зависноста на конкурентноста на нашата економија, развојот на вештачката интелигенција и дигитализацијата, од развојот и искористувањето на сопствениот човечки потенцијал, како главен фактор на технолошките и геополитичките промени.
Претседателката им честиташе на годинешните добитници на признанието на Македонија 2025, д-р Ичак Калдерон Адижес, Елизабет Наумовски и Антонијо Трпевски, потенцирајќи дека со нивната работа во науката, бизнисот, културата, филантропијата и поддршката на младите оставаат траен белег овде, но и ширум светот, а истовремено се и мотивација за идните генерации.
Според неа, имаме насушна потреба од соработка со дијаспората, не само во бизнисот, туку и во образованието, науката, културата и спортот.
„Дијаспората денес не е хомогена структура, туку сложен простор составен од различни генерации, но со иста љубов кон татковината. Ме охрабрува фактот што сè повеќе млади луѓе, иако родени далеку одовде, изразуваат интерес за македонскиот јазик, култура и традиција“, рече претседателката во своето обраќање.
Таа ја истакна важноста од досегашната соработка со Македонија 2025 преку проекти како Охрид кампот за високотехнолошка извонредност, којшто им овозможува на младите да стекнуваат знаење, да развиваат критичко мислење, со што ќе бидат во чекор со новите технолошки предизвици.
На настанот се обратија и Никица Мојсоска Блажевски, главна извршна директорка на Македонија 2025, Мајкл Чкламовски, член на Одборот на директори на Македонија 2025, како и Елизабет Наумовски и Антонијо Трпевски, добитници на признанието за придонес на припадниците на дијаспората.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
За мене, глеткава пред мене е јасна и силна потврда дека географската дистанца не мора да значи и духовно оддалечување од татковината. Пред себе гледам луѓе кои, иако не живеат тука, се уште имаат емоција, чувство, па и гордост, на припадност, истетовирана во нивните срца од предците.
Честопати се потсетувам на зборовите на Бернард Шо дека сè можеме да смениме: идеологијата, облеката, поведението, ама татковината не!
Можеби токму затоа, кога разговарам со нашинците ширум светот, имам впечаток како да се со нас и меѓу нас. Понекогаш ми изгледа како далечината да ја зацврстува поврзаноста, којашто ја препознавам во емотивниот начин на зборување за домот, во себичното чување на националните и семејните традиции, во желбата и поттикнувањето на децата да го научат мајчиниот јазик, македонските песни и ора. Човек може физички да замине од својата земја, но таа не заминува од него. Можеби затоа македонските дворови во Канада се препознавале по здравецот!
Признавам, средбите со луѓето од македонската дијаспора во мене будат ем гордост ем тага. Од една страна, се радувам кога гледам успешни професори, лекари, инженери, научници, претприемачи и интелектуалци кои, со дисциплина и истрајност, изградиле респектабилни кариери. Но, од друга страна, ја замислувам македонската држава во растечка економска или друга соработка со нив, или нивно физичко присуство тука.
Вечерашниов настан е увертира во традиционалниот Самит на Македонија 2025, иницијатива што со години ги поврзува знаењето, лидерството, претприемништвото и меѓународното искуство. Во време на технолошки и геополитички промени, сè појасно станува дека напредокот на државите ќе зависи од нивниот институционален капацитет, од способноста да создаваат конкурентна економија, да користат вештачка интелигенција и дигитализација, од начинот на којшто ќе го развиваат, задржат и користат сопствениот човечки потенцијал.
Со особена почит, сакам да им честитам на добитниците на признанијата на Македонија 2025. Вашите професионални достигнувања, лидерство и општествен ангажман се доказ за силата на знаењето, истрајноста и личниот интегритет. Преку вашата работа во науката, бизнисот, културата, филантропијата и поддршката на младите, оставате неизбришливи траги, како овде, така и ширум светот. Искрено, верувам дека вашиот пример ќе биде поттик за генерациите што доаѓаат.
И самата сум имала предизвик и можност да го продолжам животот надвор, но останав овде. Не затоа што беше полесно, туку затоа што, и по долгогодишното искуство во меѓународни институции и универзитетски средини, верував дека знаењето и професионалното искуство добиваат најдлабока смисла кога се вложуваат дома. Иако, за некого можеби тоа беше типично балканска, женска одлука, јас никогаш не зажалив за неа.
Знам дека многумина од вас, водени од максимата Ubi bene, ibi patria, својата иднина ја побарале надвор од татковината, чувствувајќи дека нивниот ум, труд и квалитет не се доволно препознаени и вреднувани овде. За жал, нашиот проблем не е недостатокот на талент и знаење, туку тоа што погрешни луѓе се наоѓале на вистински места, или вистинските места биле кај погрешни луѓе.
Она што денес светот го нарекува brain drain, ние со децении го живееме како тивко исцрпување на нашиот највреден ресурс — младите, образовани и талентирани. Небаре сме рудник од непроценлива вредност, чиј најбогат потенцијал со години го експлоатираат странски концесионери.
Живееме во ера во којашто технологијата ги релативизира границите, а невозможното станува возможно. Денес, еден млад човек може да живее во Скопје, Охрид или Битола, а со своите вештини и знаење, да работи и создава за Берлин, Торонто или Њујорк.
Македонската држава има насушна потреба од соработка со дијаспората, не само преку бизнис инвестиции, туку и преку знаењето, искуството и контактите што Македонците ги создаваат низ светот.
Дијаспората денес не е хомогена структура, туку сложен простор составен од различни генерации, но со иста љубов кон татковината. Ме охрабрува фактот што сè повеќе млади луѓе, иако родени далеку одовде, изразуваат интерес за македонскиот јазик, култура и традиција.
Токму затоа, особено ја ценам соработката со Македонија 2025 преку проекти како Охрид кампот за високотехнолошка извонредност, којшто им овозможува на младите да стекнуваат знаење, да развиваат критичко мислење и да бидат во чекор со новите технолошки предизвици.
Односот кон дијаспората не смее да остане само прашање на добра волја и повремени иницијативи, туку мора да прерасне во сериозна и долгорочна национална политика. Владата веќе ја усвои Националната стратегија за соработка со дијаспората, а во рамки на мојот Кабинет во завршна фаза е и формирањето на Советот за дијаспора, како тело што треба да овозможи активно вклучување и влијание на дијаспората во матичната земја.
На крајот, ќе споделам нешто лично со вас: секогаш кога авионот почнува да се спушта кон Скопје, ми се насолзуваат очите, оти тогаш најсилно чувствувам дека сум дома.
Верувајте ми, не случајно сме родени овде, од оваа почва извира нашата енергија!
Да живееме во синергија со Македонија!
Бог ја благословил Македонија штом во Библијата е сеприсутна!

Македонски



