
Новиот претседател на Регулаторна комисија за енергетика, Ацо Ристов, најави дека во наредниот период ќе се анализира моделот со четири тарифни блока за потрошувачката на електрична енергија кај корисниците на регулираниот пазар, при што не ја исклучи можноста за промени во системот.
Ристов оцени дека треба повторно да се отвори прашањето за блок-тарифите и да се провери дали актуелниот модел е најсоодветен за граѓаните.
„Мој личен став е дека треба да се отвори ова прашање. Ќе разгледаме во наредниот период дали да има блокови или не, или поинаку да се димензионираат. Ќе направиме анализа од досегашното искуство бидејќи веќе неколку години функционираат блоковите и е важечко решение“, изјави Ристов по денешната средба со новинарите во просториите на РКЕ.
Тој додаде дека ќе се анализираат и искуствата од земјите во регионот, со цел да се види дали може да се понуди подобро решение во интерес на крајните потрошувачи.
„Од искуствата од регионот ќе видиме како може да се направи нешто и дали може да се направи нешто подобро во интерес на крајните потрошувачи“, рече Ристов.
Според него, можно е да се креира и нов модел што би бил поправичен, бидејќи актуелниот систем, како што посочи, создава ситуација иста електрична енергија да се плаќа по различни цени.
„Неправичноста на постојниот систем е што иста енергија се плаќа по разни цени. Енергијата е берзанска стока со цена и оној што произведува ја продава по иста цена, а сè друго е социјална категорија која треба да се усогласува со државата. Не може да постојат пет цени за ист производ“, истакна претседателот на РКЕ.
Тој потенцираше дека токму анализата на досегашната примена на тарифниот систем ќе покаже во кој правец ќе се движат идните одлуки.
Во однос на цената на топлинската енергија, Ристов рече дека засега не се очекуваат драстични поскапувања за домаќинствата приклучени на системот за парно греење.
„Во делот на гасот засега нема големи флуктуации за разлика од оние што се случуваат кај нафтените деривати и неговата цена е релативно стабилна“, посочи тој.
Конечната одлука за евентуална промена на цената на топлинската енергија, според Ристов, ќе биде позната кон крајот на јули, откако компаниите ќе ги достават своите барања до регулаторот.
„Веројатно поради инфлаторните случувања ќе има некакво зголемување, меѓутоа не се очекува тоа да биде драстично бидејќи цената на гасот не порасна на пазарите како што е кај нафтените деривати“, нагласи Ристов.

Македонски




