Skip to main content

„Идентитетот не е за пазарење“ – ВМРО-ДПМНЕ со остар напад кон СДСМ и Филипче

Предавствата се дел од политичкиот код на СДСМ, а отстапките, компромисите и сервилноста се нивни препознатливи обележја кога станува збор за клучни државни одлуки и процеси што ја обликувале државата, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата обвинуваат дека СДСМ, предводен од Венко Филипче, и денес е подготвен на нови отстапки поврзани со јазикот, културата и идентитетот, со цел, како што велат, да ја задржи или освои власта и да ги оствари сопствените интереси.


„СДСМ, со Филипче на чело, како и во времето на неговиот ментор Зоран Заев, повторно ја става државата на распродажба, нудејќи ги најчувствителните национални прашања како средство за доаѓање на власт“, се вели во реакцијата.


Според ВМРО-ДПМНЕ, прашањата за идентитетот и историјата не смеат да бидат предмет на политичко пазарење. Тие оценуваат дека пристапот на СДСМ кон односите со Бугарија значи прифаќање туѓи наративи, на штета на македонскиот јазик, историското наследство и националните интереси.

Во соопштението се додава дека СДСМ и Филипче немаат проблем со, како што тврдат, релативизирање на македонскиот јазик и идентитет, само за да дојдат на власт.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува СДСМ и Филипче да престанат, како што велат, да ја манипулираат јавноста со тезата дека „уште една мала отстапка“ ќе ја донесе државата до членство во ЕУ.


„Оваа приказна се повторува со децении – од знамето, преку името, до уставните измени – и никогаш не е последен чекор. Довербата кај граѓаните опаѓа, резултатите изостануваат, а цената што се плаќа е сè поголема“, се наведува во реакцијата.

Од партијата оценуваат дека граѓаните се уморни од, како што велат, празни ветувања и политички пазар на штета на националните интереси.


„За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ има јасни и цврсти позиции. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ води политика која ги штити националните интереси и достоинството на граѓаните“, се додава во соопштението.

Поврзани вести