Skip to main content

Кралот Чарлс Трети пред Конгресот ја истакна важноста на партнерството меѓу Британија и САД

Facebook / The Royal Family

Партнерството меѓу двете нации „денес е поважно од кога било“, истакна британскиот крал Чарлс Трети во говорот пред пратениците на дсвата дома на Конгресот на САД. Кралот посочи дека истата „непоколеблива решителност“ покажана по нападите на 11 септември 2001 е „потребна за заштита на Украина и нејзиниот најхрабар народ… за да се обезбеди вистински праведен и траен мир“.

Тој изрази сочувство кон жртвите на сексуално насилство во контекст на скандалот со Џефри Епстајн и ја нагласи „заедничката сила“ на Обединетото Кралство и САД во поддршката на преживеаните. Британскиот монарх нагласи дека кога Велика Британија и Америка се обединети врз основа на заедничките вредности, „тоа е посебната состојка во нашите односи“.

Кралот го осуди и обидот за атентат врз претседателот Доналд Трамп за време на медиумска вечера во Вашингтон, нагласувајќи дека „таквите акти на насилство никогаш нема да успеат“.

Во говорот во салата на Претставничкиот дом, преполна со публика и новинари, Чарлс го истакна значењето на НАТО, вредноста на европските партнери на САД и потребата од ограничување на глобалните конфликти, со запирање на „претворањето на плуговите во мечеви“ — теми кои се меѓу приоритетите на Владата на британскиот премиер Кир Стармер.

„Почитувани членови на 119-от Конгрес, токму тука, во овие сали, духот на слободата и ветувањето на основачите на Америка се присутни во секоја седница и во секој даден глас“, рече Чарлс, додавајќи дека одлуките се носат „не по волја на еден, туку преку дебата на мнозина, кои го претставуваат живиот мозаик на САД“.

„Токму тоа што сме витални, разновидни и слободни општества ни ја дава колективната сила, вклучително и да ги поддржиме жртвите на злото што, за жал, постои и денес“, додаде тој.

Чарлс престојува во четиридневна државна посета на САД по повод 250-годишнината од американската независност, при што се осврна и на историските врски меѓу поранешните противници — САД и Велика Британија.

„Сојузот што нашите две нации го изградија низ вековите — и за кој сме длабоко благодарни на американскиот народ — е навистина уникатен“, изјави Кралот.

Обраќајќи му се на претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, тој додаде: „Ова партнерство, господине претседател, според мене денес е поважно од кога било“.

Поврзани вести