Skip to main content

На „Танц фест“ во три дена на три сцени низ Скопје се прикажуваат 12 претстави

Танц Фест

Со голема посетеност и долги аплаузи вчера вечер беа изведени пет претстави од кои две во рамки на „Денови на македонски кореографи“ во Националната опера и балет, една во Младинскиот културен центар и две во Македонскиот народен театар како дел од првата „Скопје танцов платформа“ на Танц Фест 2026.

Овие претстави покрај домашната публика, ги видоа преку 40 професионалци од Европската танцова зона, кои се присутни во Скопје, како гости на Танц Фест 2026.

Фестивалот за прв пат прави интензивна програма, во три дена, на три сцени низ градот се прикажуваат 12 претстави, со цел пред професионалната уметничка европска танцова сцена да се покаже потенцијалот и квалитетот на современата танцова сцена кај нас. Во Скопје деновиве се присутни голем број на уметнички директори на европски фестивали и компании, менаџери и продуценти, кои ќе присуствуваат на изведбите.

Воедно, во сабота, на 25 април ќе се одржи Генерално собрание на Европската танцова мрежа на фестивали, што е огромно достигнување за нашата сцена, бидејќи е можност за сите млади уметници да се презентираат пред оваа елитна европска професионална мрежа.

фото: Танц Фест

Во Младинскиот културен центар денес продолжува и програмата „СТРЕЧ“, која спроведува Танц Фест во соработка со британски уметници и професионалци, која е наменета за уметници и продуценти, кои преку работилници и панели имаат можност да слушнат искуства на веќе докажани културни дејци и да го збогатат своето искуство, како и да се обучат за подобра презентација на сопствените идеи дома и во странство.

Денес во 14ч во Младинскиот културен центар, пред професионалната публика, ќе биде изведена претставата „Мокументари“ на Адријана Данчевска, во изведба на Нина Петрушевска и Лука Ѓоргиевски. Оваа претстава е дел од ТОП 10 претстави на платформата „Мувинг Балканс“ и ќе биде изведена во мај во Нови Сад. Музиката е на Александар Гроздановски, а сценографијата на Ивана Мојсовска. „Мокументари“ започнува како остра рефлексија на македонското општество, откривајќи ги не само видливите притисоци што го обликуваат јавниот живот, туку и потивките, попродорни сили на страв, вкочанетост и соучесништво. Делото свесно одбива удобност или разрешување, не нуди емоционално олеснување — туку само немир од препознавањето. Преку фрагментирана и нелинеарна нарација, тоа ги разложува конвенционалните приказни и открива како репресијата функционира низ секојдневни гестови и молчења. Наместо да претстави јасни херои или негативци, делото ги разоткрива системите што нѐ учат да прифаќаме и да се приспособуваме — каде помирувањето станува начин на преживување. Како што се развива делото, овие политички реалности се раствораат во спекулативен простор каде моќта повеќе не е линеарна, а родот излегува од фиксните хиерархии. Идентитетот станува флуиден, а авторитетот се преобразува во нестабилни, поетски форми — отворајќи нов пејзаж надвор од познатите структури.

фото: Танц Фест

Програмата вечерва продолжува во Националната опера и балет во 20ч., претставата „Гризење“, кореографско дело на Александра Петрушевска, изведено од и создадено во соработка со Тереза Лазарев, на музика од Александар Гроздановски. Солото е резултат на нивната долгогодишна соработка и континуиран отпор кон доминантните форми во танцот и музиката. Телото влегува во прецизни, скулптурални позиции и веднаш ги распаѓа. Преку саморефлексија и самоподбив, танцот открива желба за постојано преиспитување на интенции, квалитети и позиции, но истовремено се обидува да ја сокрие кревкоста што произлегува од несигурноста во она што следи. „Гризење“ ја разоткрива поетиката на телото низ танц што не мирува, туку трепери, се двоуми и се гризе самиот себе. Музиката за претсавата е на Александар Гроздановски, а костимот, шминката и светло дизајнот го потпишува Александра Петрушевска.

Следува премиерата на „Пајажина“ во кореографија на Рисима Рисимкин, музика на Тони Китановски, сценографија и дизајн на светло на Матеа Мијановиќ, во изведба на првенката на Скопје танцовиот театар Адријана Данчевска. „Пајажина (во полињата на неизвесноста)“ е интимна и длабоко рефлексивна танцова претстава која ја истражува сложеноста на животот и патеките по кои се движиме. Во центарот на делото е прашањето: колку една одлука може да ја промени нашата насока, и дали воопшто постои јасна линија помеѓу изборот и судбината. Претставата го третира животот како мрежа од поврзани моменти, одлуки и влијанија — пајажина во која секој чекор нè води кон нова неизвесност. Оваа пајажина не е само метафора за заплетканоста на животот, туку и за невидливите сили што ги обликуваат нашите избори: општествени структури, лични стравови, желби и интуиции. Преку минималистички, но силно набиен сценски израз, телото станува главен носител на наративот. Движењето е истовремено кревко и напнато, балансирајќи помеѓу контрола и препуштање, како одраз на човековата состојба во постојано менлив свет. „Пајажина“ отвора простор за размислување за слободата на избор, одговорноста и неизвесноста како суштински дел од човечкото искуство — состојба во која секое излегување од познатото води кон нови, непредвидливи полиња.

На сцената на Македонскиот народен театар во 21ч., ќе биде изведена претставата „МА“ на кореографот Дејан Битровски, концепт на звук: Душко Јаневски, костими Андреј Папаз, инспирирана од „Чекајќи го Годо“ од Самуел Бекет. Ќе настапат Лука Ѓорѓиевски и Данило Скалинчи. „МА“ е современа танцова претстава која го истражува суспендираното време како споделена состојба. Инспирирана од драматуршката структура на Чекајќи го Годо, делото не раскажува приказна, туку конструира поле на присуство во кое чекањето станува единствена реалност. Двајца изведувачи живеат во огромен, минимален простор, развивајќи контрастни стратегии на трајно време – едниот преку постојано микро-движење, другиот преку одржлива тишина. Проѕирен хоризонт, светлина и длабочина функционираат како активни сценографски елементи, обликувајќи ја перцепцијата, наместо да илустрираат значење. Во отсуство на настани, вниманието се префрла кон суптилни физички промени, здив и самото времетраење. Претставата не нуди резолуција, туку создава простор каде што времето се доживува како кревко, споделено и нестабилно.

Веднаш потоа ќе се изведе претставата „Југо“ на кореографката Ивана Балабанова, драматургија на Мариса Годој, во изведба на Маја Селезнева, Софи Ларсон. Музиката е на Пол Таро Шмит, а сценографијата на Ана Стрика, светлото на Линус Јакобсон, костимите на Џоди Шултес, графички дизајн на Алехо Трулс. Југо: химна на женскиот гнев го истражува идентитетот низ феминистичка перспектива. Прашањата за телесното наследство, социо-политичките динамики, промените во идентитетот – и индивидуални и колективни – како и издржливоста што се бара од женските тела, ја проникнуваат оваа интензивна, перкузивна сценска патека. Терминот ЈУГО се однесува и на дерогативните конотации поврзани со него, но и на слоевитиот личен и
колективен идентитет обликуван од феминистички перспективи истражувајќи ги патријархалните структури на пост-Југославија. Делото се движи низ копнежот, наследството и фрикцијата што се појавува со раселувањето, преиспитувајќи како идентитетот се распарчува и повторно се преговара со текот на времето. Преминувајќи низ различни географии и културни вредносни системи, Балабанова ги истражува наследените реакции на угнетување и насилство, стремејќи се кон нивна трансформација. Следејќи како политичкото и интимното се вгнездени во телото, ЈУГО отвора пат од замолчување кон артикулација, од наследено насилство кон колективна агенција, од фрагментација кон повторно присвојување на сопственото тело како место на отпор и преобразба.

За крај на вечерашнава програма, во Младинскиот културен центар во 23 ч., публиката ќе може да ја проследи претставата „Солена маглина“ на Станислав Генадиев и Виолета Витанова, во соработка со Ел Василева, изведувач е Марион Дарова, звучна средина на Станислав Генадиев, визуелна средина на Илијана Канчева, а светло на Елина Иванов и Станислав Генадиев.

„Солена маглина“ (Saline Nebula) е впечатлив анти-утописки проект кој го претвора апстрактното во опипливо, а невидливото во видливо. Преку кореографија, ги изнесува хаосот, осаменоста и убавината во преден план, претворајќи ги сенките во слики и форма. Ова истражување на примарната човечка состојба открива универзум кој е истовремено туѓ и длабоко човечки, доловувајќи етеричен свет на работ од непознатото.

Поврзани вести