Skip to main content

Актерот Игор Трпчески ја режираше експерименталната документарна монодрама во развој „Лидија, или сè што знам за жените“ на Тихомир Јанчовски

Плакат

На 18 април (сабота) од 20.00 часот на Сцена 105 во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде изведена претставата „Лидија, или сè што знам за жените“. Се работи за експериментална документарна монодрама во развој, според истоимениот прв поетски роман од Тихомир Јанчовски.

Адаптацијата, режијата и актерската игра е на Игор Трпчески. Музиктаа на акустична гитара е на Тони Миќевиќ, а тонот е на Томе Темелкоски.


„Лидија, или сè што знам за жените“ од Тихомир Јанчовски е мало парче од еден богат и раскошен свет и светоглед. Не трагајќи по форма преку која би бил допадлив кај читателите, не оптеретувајќи се со книжевни правила и норми, ниту пак водејќи сметка дали создал поетски или епистоларен роман, фикција, метафикција или, како што вели тој – живот, Тихомир го напипува пулсот на современото живеење и нам, на читателите (навикнати на написи не подолги од стотина карактери), успева да ни сервира дело кое се чита во еден здив.
Мислата тече со неверојатна леснотија, а јазикот е толку природен и непретенциозен, што читателот се чувствува како да си прави муабет со авторот, или поточно, како што би рекол тој – сохбет. Овој роман се занимава со современи, секојдневни и универзални теми. Не е обременет со тривијалните, исцрпувачки проблеми на нашето секојдневие, ниту со дневна политика. Ни трага од тоа. Напротив, ова е роман за убавото. За сета убавина на животот. Јанчовски, дури и кога зборува за најтешки и најмрачни теми, тоа го прави сосема ненаметливо, на еден човечен начин, со благост.
Така, тој не зборува за онаа запустена и тажна Битола која ја знаеме, туку за една убава, сончева Битола која дише и вистински живее. Веднаш да ти се припие кафе на Широк Сокак. Во овој роман и врнежливото време е убаво време, а грмотевиците се предмет на обожување. Обичните луѓе се чинат како најинтересните на светот, дружбите со нив се убави, но исто толку убава е и осамата; тагата е пожелна исто колку радоста, а обичната жена станува муза. Животот како да е овде и сега, едноставен и полн со смисла – посочува во рецензијата Лидија Митоска – Ѓорѓиевска.

Поврзани вести