
Дебелината не е проблем на естетика. Таа е хронична, мултифакторијална болест што мерливо ги зголемува ризиците за најтешките состојби што ги гледаме секојдневно во кардиологијата, неврологијата, онкологијата, репродуктивната медицина, хепатологијата, ортопедијата и така натаму. Ова го истакна денеска проф. д-р Ирфан Ахмети, ендокринолог и претседател на научното здружение за обезност – ОБЕМ на почнувањето на кампањата „Круг на поддршка за тежината да стане полесна“, по повод 4 март – Светскиот ден на дебелината.
Тој оцени дека состојбата е сериозна.
Според податоците од Светскиот атлас на дебелина, кај возрасните 30-ина проценти живеат со дебелина, а речиси 65 отсто се со висок индекс на телесна тежина. Проекциите одат дотаму што до 2030 година над 920 илјади лица би можеле да бидат засегнати од прекумерна тежина. Кај децата и кај младите индикаторите исто така се високи: ризик-индекс 7 од 11, а процените велат дека до 2030 година дебелината кај деца од 5 до 19 години може значајно да порасне. Кога зборуваме за коморбидитети, важно е да бидеме прецизни. Дебелината е поврзана со најчестите и најсериозни состојби – срцев удар, мозочен удар, дијабетес тип 2, карциноми и неплодност – посочи докторот.
Притоа истакна дека доказите од големи истражувања и анализи се конзистентни – дебелината е поврзана со приближно 1,8 пати поголем ризик од коронарна срцева болест, значи многу повисок ризик за срцев удар; и со речиси 1,6 пати поголем ризик за исхемичен мозочен удар; за дијабетес тип 2 ризикот е драматично повисок и често се сумира како приближно 7 пати поголем ризик; според глобалните експертски прегледи, дебелината е причински поврзана со најмалку 13 вида карцином.
Ова не се бројки со кои сакаме да ја преплашиме јавноста, туку за реално клиничко и системско планирање. Дебелината има уште поширока мрежа на компликации, како што се замастен црн дроб, која се јавува кај приближно тројца од четворица лица со дебелина; апнејата при спиење е исклучително честа; ризикот за остеоартритис на коленото може да порасне од 3 до 5 пати, што директно се претвора во болка или инвалидитет; ризикот од бубрежна слабост нагло расте со повисоките класи на дебелина; венскиот тромбоемболизам – тромбози и белодробни емболии, опасноста од овие состојби во некои анализи е двојно поголема кај лицата со дебелина – појасни докторот.
Нагласи дека дебелината не е само еден проблем, туку двигател на цели синџири болести.
Тука доаѓаме до нешто што нè засега сите нас како доктори и здравствени работници, а тоа е дека дебелината ретко или воопшто не се препознава како дијагноза. Во реалната клиничка пракса ние ги евидентираме последиците срцев удар, мозочен удар, дијабетес, замастен црн дроб, апнеја, но дебелината често недостига од листата на проблеми. Во однос на ова, логиката е многу едноставна – ако не препознаеме, не мериме; ако не мериме, не планираме, ако не планираме, евентуалната промена би била бавна. Затоа денес најискрено би сакал да испратам јасен повик до моите колеги – користете ја дијагнозата Е66 кога критериумите се исполнети. Според мене, тоа не е само обична шифра, туку можност да создадеме реална и мерлива слика за состојбата со дебелината во Македонија – порача Ахмети.
Паралелно со тоа, дополни, важно е јавноста да знае дека постои и структура за помош.
Во јавното здравство постојат девет центри за обезност, каде што пациентите може да се обратат и да добијат стручен, организиран пристап. А пристапот мора да биде мултидисциплинарен – матичен лекар, специјалисти по потреба, нутриционист и кога е индицирано – психолошка поддршка затоа што стигмата и психичката компонента се реални и влијаат на исходите. И уште нешто – мора да бидеме чесни и професионални и во третманот. Нема брзи решенија. Постојат чекори – првин стил на живеење со реални одржливи промени, па потоа фармакотерапија кога е индицирана и според протокол – посочи Ахмети.
Тој истакна дека „Круг на поддршка“ е кампања што го става акцентот токму на ова – знаење, структуриран пристап, евиденција и тимска грижа без стигма и без поедноставувања.
Јавноста беше информирана дека состојбата со прекумерната тежина и со обезноста во Македонија е алармантна, државата е во категоријата земји со високи стапки на предвремена смртност од незаразни болести, каде што обезноста е еден од клучните ризик‑фактори. Досега медицината има дефинирано над 220 здравствени компликации или коморбидитети, кои се последица на прекумерната тежина и на дебелината.
Кампањата е поддржана и од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, како и од канцеларијата на Светската здравствена организација.
Во земјата, како што беше истакнато, според податоците на Светскиот атлас на дебелина, кога се во прашање возрасните лица, 30 отсто живеат со дебелина, а 65 проценти се со висок индекс на телесна тежина. Очекувањата се дека до 2030 година над 920 илјади лица од општата популација ќе бидат засегнати од прекумерна тежина.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, даде поддршка на кампањата во лично име и од името на Фондот.
Доколку не ги смениме нашите прехранбени навики, не пешачиме барем 30 минути дневно, не елиминираме алкохол или цигари од нашите животи, нема да има ниеден фонд за здравствено осигурување што ќе опстане – сите ќе банкротираат – порача Клековски.
Дебелината, истакна, ќе биде здравствен предизвик на 21 век пред сите други познати здравствени проблеми. Тој вети дека и самиот ќе внимава во наредниот период за да ги намали здравствените ризици.

Македонски

