
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на учеството на 8. Самит на Европската политичка заедница, кој се одржува во Ереван, Ерменија, денеска се обрати на тркалезната маса на тема „Зајакнување на поврзаноста и економската безбедност во контекст на зелената транзиција“.
Како што соопшти Кабинетот на Сиљановска-Давкова, таа оцени дека актуелните глобални конфликти и енергетски турбуленции создаваат сериозни ризици за енергетската стабилност, при што особено ранливи се малите држави.

-За Сиљановска-Давкова, енергетската поврзаност не е само економско прашање, туку и безбедносен национален, регионален и европски приоритет. Таа смета дека најголемите пречки за енергетската поврзаност на Западниот Балкан немаат технички туку политички карактер. Според неа, билатералните спорови и (зло)употребата на ветото предизвикуваат поголема штета на регионалната поврзаност отколку каков било недостиг од инфраструктура. Секој замрзнат процес на интеграција значи замрзната инвестиција и иднина, рече претседателката., се наведува во соопштението.
Сиљановска-Давкова констатираше дека земјите од регионот поединечно имаат ограничени капацитети, но преку заедничко дејствување може да станат вреден европски партнер.
-Заедничката инфраструктура создава заемни интереси и меѓузависност на државите, што, пак, влијае врз намалувањето на ризикот од конфликти и поголемата отпорност на трети страни. Наместо концентрирана енергетска зависност, за Сиљановска-Давкова потребна е диверзификација преку нови и алтернативни енергетски коридори и поврзување со различни извори, вклучително и од Западен Балкан и Каспискиот Регион, соопшти Кабинетот.

Во обраќањето претседателката укажа дека зелената транзиција и енергетската безбедност се дел од ист стратешки проект и дека обновливите извори на енергија се клучни за поголема независност и стабилност.
Како што е наведено во соопштението, со тркалезната маса претседаваа премиерите на Хрватска и Норвешка, Андреј Пленковиќ и Јонас Гар Шторе. Во дискусијата учествуваа заменик-претседателот на Турција, премиерите на Белгија, Канада, Грузија, Словачка, генералниот секретар на ОБСЕ, како и претседателката на Европската комисија.

Македонски



