Skip to main content
Александра Радовиќ, пејачка и кантавторка на поп музика

Најважно е да се биде автентичен и свој

Александра Радовиќ пристигнува во Скопје со концерт кој го најавува почетокот на уште една впечатлива музичка година. На 27 февруари, нејзиниот препознатлив глас и силната емоција ќе ја исполни салата на Македонската филхармонија со најголемите хитови и внимателно подготвен музички репертоар. Позната по баладите што оставаат трага и настапите што носат чиста енергија, Радовиќ ќе им понуди на љубителите на квалитетна музика ретка можност да уживаат во премиум концертно доживување во еден од најелегантните простори во земјата. Вели дека се радува на средбата со македонската публика, сака да сними дует со Калиопи, а во разговорот ни откри како ја воспитува ќерката Нина, што ги советува учениците во нејзиното училиште и како почна да создава сопствена модна линија и брендот AR Home & Living…

Доаѓате во Скопје на 27 февруари. Што подготвувате за македонската публика овој пат?

Во Филхармонија имав концерт пред две години и морам да кажам дека беше преубаво. Очекувам иста прекрасна атмосфера. Доаѓам со мојот бенд со кој секогаш настапувам, со нова сет листа, со нови песни и мислам дека ќе ни биде преубаво. Нема причини да биде поинаку.

Позната сте по баладите што оставаат трага и настапите што носат чиста енергија…Дали и самите уживате во тој вид песни, во баладите?

Апсолутно уживам и некако и се пронаоѓам себе си во нив. Се’ што пеам е дел од мене и многу сакам тоа да го споделам со публиката бидејќи меѓу публиката секогаш има луѓе кои се пронаоѓаат во сето тоа и кои минале разни работи, кои сум ги минала и јас – страдања, болки на срцето, кршење на срцето…Често гледам во публиката некој да заплаче. Еве ќе споделам со вас, на концертот во Белград во Сава Центар имав во првиот ред мои колеги и кога ја запева „Бескрајно“ целиот прв ред плачеше на глас, а јас тоа воопшто не го очекував. Различни песни ги допираат различно луѓето. Поентата е што секогаш пеам од срце. И тоа ми е многу важно. Не сакам да ја лажам публиката, ниту да се лажам себе си. Не сакам нешто само да одработам „ради реда“, туку навистина да и се предадам на публиката и да им пружам максимум и да си заминат дома расположени.

Република

Важите за еден од најквалитетните женски поп-вокали во регионот, а автор и продуцент на повеќето ваши песни е Дарко Димитров. Како дојде до оваа соработка?

Искрено веќе и не се сеќавам бидејќи беше многу одамна. Мислам дека беше 2005 година, можеби и 2004, така нешто. Мислам дека  Александра Милутиновиќ направи една песна, „Не си мој“ и таа ме запозна со него и така започна. Тој во тоа време не беше нешто многу познат. Работеше во Македонија со македонските изведувачи. Но, многу убаво се пронајдовме и сега е присутен постојано во мојата кариера. Неговите песни се секогаш поинакви од другиот дел од албумот бидејќи тој има своја, автентична приказна и секогаш го нуди тоа свое кое многу убаво се вклопува во се останато.

Изјавивте дека имате желба да отпеете песна со Калиопи. Дали има некаква најава за соработка?

Морам да бидам искрена никогаш не сум имала идоли во музиката. И како малечка сакав многу да слушам странска музика – Витни Хјустон, Арета Френклин, Мараја Кери, Ела Фицџералд, тоа се пејачки кои мене ме инспирираа и од нив многу учев. Бидејќи просто нивната техника е многу потешка отколку нашата. Тоа што тие го нудат на многу наши пејачи им е недостижно. Затоа сакав да вежбам токму на нивните песни. Но, кога станува збор за домашната музика толку многу го сакав нејзиниот глас како малечка и кога еднаш се сретнавме и раскажав за тоа. Калиопи тогаш ја пееше „Бато“ а јас си помислив – Боже, кога јас би можела да пеам како оваа жена. Кога јас би можела неа некако да ја видам, како изгледа, како да ја запознаам. И кога се случи да се запознаеме, знаете колку е Калиопи скромна, па и прескромна и кажав за таа моја детска желба. И секогаш би сакала да снимам дует со некој кој е добар, кој умее да пее, која има добра кариера. Но, песната да ни е добра. Така да, здравје боже да се случи некоја песна, со големо задоволство.

Република

За себе негувате елегантен стил на гардероба. Покрај музичката кариера лансиравте својот бренд AR Home & Living. Кажете ни нешто повеќе за тоа? Од каде идејата? За какви производи станува збор?

Со модната линија уште не сум почнала конкретно. Почнав да правам некои фустани за себе затоа што кај нас настапи некаква криза со дизајнерите и со нивните модели повеќе се гледаше и откриваше отколку што се покриваше и тоа  не ми се допаѓаше. Кога сфатив дека немам што да изберам, одлучив да направам неколку свои дизајни, кои пак, на жените им се допаднаа и се јавуваа некои  фирми кои работат со продажба за соработка, но јас немам произвотство. Таа идеја сеуште не е почната. Тоа е во некаков зачеток во моментов.

Што се однесува до порцеланот, тоа е моја голема љубов. Сакам антиквитети, сакам квалитетни работи, бидејќи навикната сум како дете од поранешна Југославија каде сите во своите домови имавме порцелански сервиси, кристални садови, шољички за кафе…И така одлучив да напреавам своја колекција на порцелан. Станува збор за увозен, „Мон Блан“ порцелан, кој е насликан со злато, се е рачно работено и многу отмен… AR Home & Living содржи шољи за кафе, за еспресо, чинии, но, сето тоа се само идеи за кои ќе се ангажирам подоцна.

Завршивте Музичка академија, отсек педагогија. Работите и во Вашето училиште за пеење…

Училиштето во Нови Сад морав да го затворам на некое време бидејќи не можам да постигнам да одам и таму и ваму. А, пак од друга страна, луѓето сакат кога сум јас присутна. Тоа во Белград е изводливо, затоа што не примам многу ученици. Примам само до 15 луѓе секоја година. И покрај тоа работам и со моите колеги така што тоа мене ми е сосема доволно и некаков максимум кој јас можам да го одвојам за школото. Така што, да бидам искрена, не трпи ниту едно ниту друго.

Што најчесто ги советувте своите ученици?

Да бидат свои, никого да не имитираат, да не копираат ничиј израз, туку да бидат автентични. Едноставно сами да си го градат својот пат. Поголемиот дел од оние кои ќе послушаат навистина ќе направат убава кариера. Сакам да го споменам Борис Суботиќ кој е стана фантастичен пејач, а и уште како мал кога дојде кај мене во школото, пишуваше песни и јас го бодрев во тоа и еве со текот на годините толку напредуваше што стана многу познат и признат автор на текстови и композитор. Работеше за Марија Шерифовиќ, песни за Евросонг за Црна Гора и за Србија, така што мислам дека е најважно да се биде автентичен и свој и да се понуди нешто што не постои.

Република

Како ја воспитувате својата ќерка? Таа е веќе тинејџерка…Дали ја учите на работи кои ве учеле вас или имате некаков друг приод?

Прво ќе воздивнам, па ќе ви одговорам. Децата од новата генерација се многу поинакви и се додека ние се бориме против тоа, а јас тоа долго го правев, имаме проблем со комуникацијата. Но, мора да сфатиме дека ние сме имале наше време, а тие сега имаат свое време. Просто она што и на нашите родители им било ужасно да го слушаат , како „Ганс енд роузис“, Били Ајдол, или „Аеросмит“, за нив тоа беше некоја демонска музика, така и новите генерации сега имаат своја музика која нам ни е неприфатлива. Но, мислам дека со растењето сето тоа некако си доаѓа на свое место. Ако дома се слуша добра музика и ако некако успееме да го истуркаме, кој колку има сила… Децата треба да се советуваат само мирно да ги поминат овие луди години и во суштина да бидат добри луѓе. Добар човек, добар човек, добар човек. Мене ми е тука акцентот. Мислам дека тоа треба најмногу да се зборува, бидејќи тука најмногу се лизгаат поради друштвото, окружувањето, поради се што сега ни прават, а ни прават дозволувајќи така што се и сешто се емитува и децата гледаат насилство и прават насилство и така да не навлегуваме подлабоко во тие теми. Акцентот ми е да биде добар човек. Никому да не му прави лошо и секогаш да му се најде на друг човек. Кога е во можност да помогне да помогне.

Разговараше: Невена Поповска

фото: Република

Поврзани вести