Skip to main content

Во МНТ почнаа пробите за претставата „Страв и надеж“ во режија на Татјана Мандиќ Ригонат

Во исклучително позитивна и креативна атмосфера во Македонскиот народен театар започнаа пробите за претставата „Страв и надеж“ од живиот театарски класик Франц Ксавер Крец, во режија на култната белграѓанка Татјана Мандиќ Ригонат, соопштија од МНТ.

Ригонат е режисерка, авторка на драматизации и поетеса, чии претстави се наградувани на домашни и меѓународни фестивали. Добитничка е на престижните награди „Љубомир Драшкиќ“, „Јагош Марковиќ“ и највисокото признание „Бојан Ступица“. Интригантна и бескомпромисна во својот уметнички став, Ригонат е една од најприсутните и најоригинални театарски режисерки во регионот. Зад себе има потпишано повеќе од 40 претстави и драматизации на дела од Достоевски, Ибзен и Чехов, до Душан Јовановиќ и Бранислав Нушиќ. Нејзиниот режисерски ракопис се одликува со силна психолошка прецизност, сценска мисла и храброст да отвора суштински прашања.

„Страв и надеж“ е врвно драмско остварување на Франц Ксавер Крец – најпознатиот и најизведуваниот жив германски драмски автор, чија комплексност се мери со делата на Бертолт Брехт. Како драмски писател, поет, прозаист, режисер и актер, Крец силно ги обележа седумдесеттите и осумдесеттите години во Германија, кога неговите драми се изведуваа во 40–50 театри истовремено низ Европа и светот. За неговото творештво се напишани бројни студии и книги, а денес е препознаен како жив театарски класик и добитник на значајни книжевни и театарски признанија.

Во ова дело, Крец отвора прашања за стравот и надежта на современиот човек – за достоинството, егзистенцијата, одговорноста и кревкоста на човечките односи во свет што постојано нè става пред избор: да опстанеме или да исчезнеме.

Во претставата играат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Сашка Димитровска, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Наталија Теодосиевска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

Пред ансамблот стои предизвикот да оживее галерија ликови – калеидоскоп на општеството, во кој сцената станува агора, простор на дијалог, соочување и длабока човечка расправа.

Фото: Маја Аргакијева

Поврзани вести