Skip to main content

Старата пошта ќе се претвори во младински хаб, но и симбол на Скопје – Град престолнина на културата

Претставници на локалните власти од Кемниц (Германија), Горица (Италија) и Нова Горица (Словенија) денеска престојуваат во Скопје, каде што заедно со Град Скопје реализираат низа активности посветени на размена на искуства поврзани со титулата европска престолнина на културата, која Скопје ќе ја носи во 2028 година. Официјалното обраќање се одржа во „Јуроп хаус“, каде говореа заменик-шефот на ЕУ Делегацијата Бен Нупнау, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градоначалниците на Нова Горица и Горица – Само Турел и Родолфо Зиберна, како и претставничката од Кемниц, европската престолнина на културата, Џозефин Хаге.

– Моите колеги кои денеска се гости во Градот Скопје, ќе можат искуствата да ми ги пренесат и мене како градоначалник, но и на целиот тим којшто е вклучен во целиот процес. Сите предизвици коишто ги имале во текот на процесите кога се одвивале во нивните градови ќе ги споделат со нас, за што полесно ние да пристапиме кон сето ова, рече Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека со овој проект ќе има обединување како на Градот Скопје, така и на скопјани, а очекува и зголемување на бројот на туристи. 

-Она што ќе бидат сите инфраструктурни проекти што ги планираме во рамки на процесот, а тоа е реконструкција на Кале, бидејќи најголем дел од настаните ќе се одржуваат на Кале. Старата скопска чаршија, која што вчера, благодарение на поддршката на Министерството за култура, започна да се реконструира. Аквадуктот, едно место што е вистински симбол на градот Скопје, е една реткост во Европа, таков еден споменик да имаме ние. Тој ќе биде претворен во летна сцена, летна арена, која што ќе биде примамлива и за скопјани и за луѓето од земјава, но и за луѓето од Европа да можат да го посетат, истакна Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека еден од најкапиталните објекти во Градот Скопје ќе биде Старата пошта, за која што, како што рече, се во постапка со Владата да ја преземат, и во план е таа да се претвори во младински хаб, но и симбол на Скопје – Град престолнина на културата.

-Ако направиме паралела како Скопје изгледаше минатата година во ова време, ќе се сетите дека Скопје личеше на џунгла. Од една страна, не беше одржувано, кејот беше во катастрофално лоша состојба. Таква не е сликата денес. Денес е гордост за сите скопјани. Денеска имав можност од мост „Кале“ кејот да им го презентирам на моите гости и навистина преубаво изгледа. Да, имаме одредени потешкотии сè уште во дел од јавните претпријатија, но дали е подобрено – сериозно е подобрена сликата, посочи тој.

Ѓорѓиевски потсети дека веќе е во фаза на евалуација постапката за набавка на 100 автобуси за Градот Скопје и 50 за внатрешноста на земјава, како и  40 нови камиони за комуналната хигиена. 

-Градот е стабилизиран, не должиме веќе на никого ништо. На сметката на Градот Скопје постојано имаме од четири до шест милиони евра. Капиталните проекти коишто беа закочени години наназад – еден од тие беше Момин Поток. Веќе објавив во медиумите, но и на седница на Совет, имотно-правните односи ни се целосно решени таму и интензитетот на градба е сериозно зголемен. Наредната недела ќе имаме продолжување на градежните активности, конечно да го довршиме булеварот „Борис Трајковски“ во Кисела Вода, повеќедецениски проблем за граѓаните. Неделата после тоа веќе се подготвуваме за „Љубљанска“, мостот, но и многу други проекти, рече тој.

Во однос на културата, Ѓорѓиевски истакна дека општествено одговорни компании помагаат изминатиов период. споменувајќи дека еден од тие проекти е осветлувањето на Камениот мост, за што обезбедиле средства преку турската асоцијација МАТТО.

-Дваесетина години знаете дека не е осветлен онака како што треба, а е еден од главните симболи на главниот град. Исто така, општествено одговорни компании ќе се вклучат во процесот на реконструкција на Скопското Кале. Сакам да истакнам, ексклузивно, дека преку МАТТО се обезбедува проектот за Градското кино. Веќе сме во постапка. Имаме посебни средства од буџетот на Градот Скопје. Мислам дека е распишана тендерската постапка, ако не се лажам, или ќе биде во наредниве денови, за реконструкција на културни објекти. Еден од тие ќе биде и киното „Милениум“, кое што се надевам дека до септември ќе биде ставено во функција. Тоа е добар рок, ако земеме предвид дека години наназад не функционираше. Знаете дека таму имаше и несоодветни услови, дури и девијантни појави, посочи тој.

Ѓорѓиевски потсети и дека Зоолошката градина исто е во реконструкција и многу од живеалиштата се реконструираат. Нагласи дека Градот е финансиски консолидиран и оти биле вратени 50-тина милиони евра долгови за нешто повеќе од пет месеци.

Бен Нупнау во своето обраќање кажа дека европските престолнини на културата носат културни, економски и стратешки придобивки, не само за таа година, туку и многу подоцна.

-Овие градови обично обезбедуваат средства, привлекуваат инвестиции, создаваат интерес и внимание за програмата и за градот како дестинација. Како резултат на тоа, имаат значителен раст на бројот на туристи, што секако придонесува за подобрување на репутацијата на градот. Градовите, исто така, успеваат да изреновираат културни места, да создадат нови културни места, да дадат поддршка на локалните уметници, а ова е исто така планот и за Скопје. Како што кажавме и претходно, сè се трајни аспекти коишто го зајакнуваат културниот екосистем, рече Нупнау.

Според него, оваа значајна улога го подобрува партнерството со други европски градови, со институциите и со уметниците, па секако тоа е можност директно да се ангажираат граѓаните преку нивно учество во настаните, волонтерство и активна инволвираност.

-Секако, тоа доведува до развој на гордост и до чувство на припаѓање. Иницијативата не е само за културата – ова е стратешка алатка за трансформирање на градот, за развој на инфраструктурата и средство за поттикнување на економијата, зајакнување на идентитетот и подлабоко поврзување со Европа. Скопје ќе биде ставено на картата на европските градови на културата и ќе ужива во оваа улога, а сите инвестиции што ќе се направат во 2028 ќе се вратат во иднина, нагласи Нупнау.

Градоначалникот на Нова Горица, Само Турел, кажа дека заедно со неговиот пријател, градоначалникот на Горица, Радолфо Зиберна, како први прекугранични европски престолнини на културата, функционирале под слоганот „Да се биде без граници“.

-Нашиот регион навистина помина низ многу тежок 20 век. Имавме секакви видови на уништувачки војни коишто поминаа низ нашите два града, низ нашите заедници, каде што границата, која што беше поставена по Втората светска војна, практично ги раздели заедниците во две различни држави, буквално ги раздели роднините, пријателите, а во една инстанца дури и гробиштата ги пресече на пола. Така што ни мртвите немаа мир да бидат погребани на раат. Меѓутоа, и покрај сето ова, успеавме да напишеме една историја која што го зема предвид сето ова минато, меѓутоа главно се фокусираше на иднината, рече тој.

Истакна дека оваа програма ја искористи културата, каде што дури и разликите помеѓу јазиците не се пречка – за да ги зајакнеме луѓето, оние коишто пред 40 години се обидувале да соработуваат, да ги зајакнат врските преку границата, да изградат нови простори, повторно да ги изградат плоштадите, и плоштадот Европа, и во словенечкиот дел, и повторно да го изградат делот од градот којшто е заеднички.

-Се обидовме да им вратиме живот на некои делови од градот коишто останаа заборавени. Дел од железничката пруга беше заборавен и практично изградивме нов дел од градот каде што можете да одите, да шетате, да слушнете јазици како италијански, словенечки, па и германски, каде што луѓето се среќаваат за да планираат идни проекти за соработка, рече тој.

Турел кажа дека тоа било една интензивна година која споила на едно место две заедници, кои се споиле не за да го заборават минатото, туку да се фокусираат на иднината. 

– Имаме многу сличности со Скопје, многу предизвици со коишто ние моравме да се соочиме, и тука сме да му дадеме поддршка на Скопје, да ја понудиме нашата експертиза, да ги споделиме нашите искуства и да ви кажеме што згрешивме во Нова Горица, каде не успеавме, за вие да не морате да поминувате низ истите потешкотии. Тука сме да помогнеме. Исто така, и во иднина остануваме отворени да ги зајакнеме нашите врски, можеби и да подискутираме за некои културни размени. Штом еднаш ќе станете европски град на културата, засекогаш останувате такви, рече Турел.

Тој им порача на властите на Скопје да се обидат да планираат што ќе остане по 2028 година, бидејќи, според него, тоа е една од поважните цели и фокус на целиот проект.

-Охрабрувам – за мене, европскиот град на културата не е само проект, не е нешто што се реализира во една година, туку е процес. И штом ќе започне тој процес, мора да трае многу, многу децении во иднината, бидејќи можеме да ви кажеме од нашето искуство дека културата навистина е средство со коешто се поттикнува развојот, со коешто се поттикнува економскиот раст. Меѓутоа, најважно од сè е тоа што ги поврзува луѓето, овозможува нови пријателства и зајакнување на старите пријателства, заклучи Турел.

По официјалниот дел, се одржа техничка работилница, на која претставниците на европските престолнини на културата за 2025 година ги споделија своите искуства и добри практики со организацискиот тим „Скопје 2028“.

Посетата ќе биде заокружена со отворањето на изложбата „Инспирација“ во Музејот на град Скопје, која содржи фотографии од европските престолнини на културата за 2025 година. Изложбата ќе биде отворена за јавноста, бесплатно, од 15 до 26 април годинава.