Skip to main content

Во Сараево почина Љиљана Зелен-Караџиќ, сопругата на осудениот Радован Караџиќ

Во болница во Сараево денеска почина Љиљана Зелен-Караџиќ на 81-годишна возраст, сопруга на осудениот поранешен политички лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, објавија локалните медиуми.

Љиљана Караџиќ со години се наоѓаше на листата на санкции на Соединетите Американски Држави, под сомнение дека му помагала на својот сопруг во периодот додека тој беше во бегство од меѓународната правда. Радован Караџиќ беше уапсен во Белград во 2008 година, по што беше екстрадиран во Хаг, каде му се судеше пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија.

Во 2019 година, тој беше правосилно осуден на доживотна казна затвор за воени злосторства, меѓу кои и геноцидот во Сребреница и опсадата на Сараево. Казната ја издржува во затвор во Велика Британија.

По професија лекар, Љиљана Караџиќ дипломирала на Медицинскиот факултет во Сараево, каде што живеела и работела со семејството пред почетокот на војната. За време и по конфликтот, била ангажирана во хуманитарни активности и ја водела организацијата на Црвениот крст на Република Српска.