Skip to main content

Весна Писаровиќ ќе има специјален гостин на скопскиот концерт

Една песна, два препознатливи гласа, речиси две децении подоцна повторно на иста сцена. Концертот на Весна Писаровиќ на 28 март во Филхармонија во Скопје добива посебна димензија, и тоа по нејзина лична желба – специјален гостин ќе биде Владо Јаневски.

Поводот е нивното долгогодишно пријателство, но и дуетот „Љубав је религија“, снимен пред речиси дваесет години – песна што остави длабока трага и кај македонската и кај хрватската публика. Нумера која не беше само хит, туку емоционален печат на една генерација. Токму оваа песна повторно ќе одекне во живо, во атмосфера што ветува силни чувства, носталгија и искрена музичка магија.

Весна Писаровиќ лично посака Владо да биде дел од нејзиното прво гостување во Македонија како симболично продолжение на нивната заедничка приказна и како гест кон публиката која со години ја чува оваа песна како личен спомен.

„Љубав је религија“ не е само дует – таа е времеплов, емоција што не избледува и доказ дека вистинските песни живеат долго по својата премиера. Нивната заедничка изведба во Скопје ќе биде редок и неповторлив момент што без сомнение ќе ја одбележи вечерта.

Концертот на Весна Писаровиќ на 28 март 2026 во Филхармонија ќе донесе пресек на нејзините најголеми хитови, но токму настапот со Владо Јаневски се очекува да биде кулминација – миг кога целата сала ќе пее во еден глас.

Поврзани вести