Skip to main content
oj5PQZp9KRM

„Невена Георгиева – Дуња“ добива нови шест училници и санитарни јазли

Премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалничката Бети Стаменкоска – Трајкоска, денеска извршија увид во градежните активности на основното општинско училиште „Невена Георгиева – Дуња“ во општина Кисела Вода.

Како што беше појаснето во изјава за медиуми, со доградба се обезбедуваат околу 560 метри квадратни проширување на просторот – шест нови училници, нови санитарни јазли и значително подобрени функционални услови. Беше нагласено дека со овој чекор се создаваат услови за поквалитетен наставен процес во ова училиште.

фото: Влада

Премиерот Мицкоски изјави дека задоволство е секогаш кога се прави увид на ваков тип на проекти.

Тоа е дел од суштината на политиките што ги води оваа Влада и добро е што десетици вакви објекти заедно со градинките за децата од предучилишната возраст, се стотици вакви објекти што се градат низ цела држава. И јас сум навистина задоволен што гледам дека сите тие напредуваат. Со градоначалничката разговаравме дека со почетокот на новата учебна година и оваа доградба треба да биде готова и да биде ставена во функција, подвлече премиерот.

фото: Влада

Мицкоски рече дека со сите градежни активности, со сите капитални инвестиции, тие практично го решаваат акутниот проблем со простор за ученици онаму каде што е потребно и посака уште многу вакви објекти да се реализираат во иднина.

Градоначалничката посочи дека ова е инвестиција насочена кон подобрување на условите за настава и одговор на зголемениот број ученици во ова училиште.

Имено, во моментов тука настава посетуваат 705 ученици, бројка што е зголемена за 150 ученици во овие три години, додаде Стаменкоска – Трајкоска.

Таа појасни дека со доградбата се обезбедуваат околу 560 метри квадратни проширување на просторот – шест нови училници, нови санитарни јазли и значително подобрени функционални услови, со што се создаваат услови за поквалитетен наставен процес.

Паралелно, и ние, како општина, вложуваме и во одржливи и долгорочни решенија. Поставивме фотоволтаици во ова и во сите други училишта, а за сите училници и за училишната спортска сала обезбедивме пречистувачи на воздух, со цел поздрава и побезбедна средина за учениците. Овој проект не е изолиран зафат, туку дел од континуиран пристап кон унапредување на образованието. Би сакала да споменам и дека во текот на летниот период беше реновирана и училишната библиотека со нова читална, истакна таа.

Стаменкоска – Трајкоска им се заблагодари на премиерот, Владата и на министерката за, како што рече, поддршката и партнерскиот однос.

Задоволство од денешниот настан изрази и министерката Јаневска, која рече дека ова е само еден проект на кој моментално се работи.