Skip to main content
Даниел Роланд, виолинист

За виолинистот е многу важно да пронајде виолина која е поврзана со неговата личност

Врвниот виолинист Даниел Роуланд и 30 млади европски музичари вечерва ќе настапат во Камерната сала на Македонската филхармонија како дел од февруарската концертна серија на Институтот FAME’S. Концертот „Од студио до сцена“ е кулминација на интензивна едукативна програма што го истражува патот на музиката – од професионално студиско снимање до жива концертна изведба пред публика.

Даниел Роланд е реномиран холандски виолинист и професор на Кралскиот колеџ за музика во Лондон, Еден од најистакнатите европски виолинисти и неговата работа се одликува со длабок интерес за современиот репертоар, оркестарската интерпретација и едукативните формати кои ја поврзуваат студиската и сценската практика.

Разбирањето како музиката се менува помеѓу студиото и концертната сала е суштинско за денешните оркестарски музичари, вели Роланд. Тој процес развива слушање, флексибилност и уметничка зрелост.

Пред вечерашниот концерт разговаравме со Роланд за неговата кариера, љубовта кон музиката, вилоината кој е негов дплгпгпдишен партнер на сцената, како станал виолинист, а не пијанист, кој настап го памети цел живот…

.Концертот „Од студио до сцена“ ќе  го изведете заедно со 30 млади музичари од Институт „Фејмс“. Што ќе проследи публиката на вечерашниот концерт?

Програмата е мошне еклектична. Почнуваме со дело од Питерis Васкс, кој е многу важен современ композитор. Оваа година тој полни 80 години, тој е мој пријател и неговата музика е длабоко духовна исполнета со многу чувства. Делото е насловено „Musica dolorosa“, напиано е за неговата сестра која починала мошне млада и претставува еден вид Реквием за неговата сестра. Полна е со емоции, но многу моќна музика, многу силна. Потоа ќе го изведеме делото кое е можеби најубавото од 20-от век, „Metamorphosen“ од Рихард Штраус. Напишано е во 1945 година, по војната кога Штраус е веќе стар и бил комплетно разочаран од тоа како била уништена културата. Рушењето на Операта во Минхен за него било симбол за колапсот на цивилизацијата. Ова дело е за 23 соло жици. Секој музичар поединечно изведува свој соло дел, никој не е во оркестарот. Станува збор за дело кое трае половина час и се сеќавам дека кога јас бев млад, кога бев студент и го слушав ова дело си мислев дека ова е најстрасната музика што сум ја слушнал во животот. И завршува со дел од Погребниот марш од Бетовен – „Heroic symphony“, Погребен марш за цивилизацијата.. Но, воопшто не станува збор за трагично дело, полно е со љубов и страст, екстаза и нежност. И за да го смениме комплетно расположението, продолжуваме со делото кое го снимавме овде изминатава недела, „The American Four Seasons“ од Филип Глас, голем американски композитор, кој следната година полни 80 години. Тоа е неговата реакција на „Four Seasons“ од Вивалди и тоа е многу возбудлива музика и мошне комплексна за изведба, но прекрасна. Лично, сум многу горд на Филип Глас што го откажа својот настап во Трамп Кенеди Центарот во Вшингон и среќен сум што една важна личност се спротивстави на оваа смешна ситуација.

Како течеше соработката со младите музичари?

Мислам дека она што навистина е одлично кај овој проект е тоа што обединува триесет млади музичари од цела Европа. Некои се мошне напредни музичари, како солистите, некои се наградувани итн. останатите се помлади, но енергијата е фантастична. Оние кои се понапредни едноставно ги поттикнуваат помладите и е многу возбудливо да се свири со нив. Мене многу ми се допаѓа, мислам дека ќе и се допадне и на публиката.

Професор сте на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Што е она што ги советувате своите помлади колеги? Што сметате дека е најважно да научат?

Сметам дека во денешно време, за помладите колеги, многу е важно не само да научат да свират, да бидат успешни музичари, технички добро да свират, со добар ритам, стил…, а тоа е многу тешко, но исто така треба да бидат и креатоти, да знаат да иницираат проекти. Да знаат да се поврзуваат со останатите колеги, да знаат да се поврзат со публиката, со организаторите на концерти…на еден начин треба самите да бидат impresario . Тоа е од практична страна, на еден начин да се вмрежат со колегите, но истовремено уметнички да се креативни и да работат со композитори, со танчери, видео артисти…Вистински да бидат уметници од денешново време.

Основач сте на Меѓународниот музички фестивал „Штифт“. Која беше идејата за да го создадете?

Оваа година Фестивалот ќе го има своето 22 . издание, што е неверојатно. Јас сум роден во Лондон, но кога сум бил многу мал, моите родители се преселиле во мало село во  Холандија. Таму имаше шума, многу прекрасни цркви и замоци, прекрасна природа… Пред 22 години одлучив дека тоа е одлично место да се создаде Фестивал и од самиот почеток не сметав дека тоа ќе биде фестивал на кој само ќе се свири убава музика во прекрасњн амбиент, туку тоа да биде место каде ќе има многу место за нова музика, да се работи со композитори… Мојот татко беше авангареден композитор и секогаш слушав нова музика дома и затоа како еден вид мисија ја имам обврската секогаш да работам со композитори, да барам да пишуваат нова музика. Втората идеја беше да им се даде можност на младите музичари да настапат заедно со меѓународно признати музичари. И на  крајот е изведба на мешавина од нова, експериментална музика и традиционална музика во таа прекрасна природна средина. Фестивалот почна како релативно мал, но сега организираме 35 концерти во 9 дена и некогаш има изведба од Симфониски оркестар, некогаш се изведува опера..Фестивалот .прерасна во нешто навистина големо и горд сум на него. Студентите велат дека за време на фестивалот учат многу повеќе отколку за една недела на Универзитет.

Свирите на виолина изработена од Лоренцо Сториони (Кремона 1796). Како дојдовте до овој инструмент?

За виолинистот е многу важно да пронајде виолина која е поврзана со неговата душа, со неговата личност…Кога бев млад имав неколку различни виолини од Фондации и спонзори, но во еден момент спонзорот си ја побара виолината да ја вратам. Се сеќавам дека тоа се случи пред Божиќ и беше многу тешко за мене, бидејќи тоа беше виолина која многу ја сакав. Навистина не сакав тоа да ми се случи повторно и пред 20 години имав можност да ја купам оваа виолина, која доколку беше комплетно чиста и во целосно перфектна состојба ќе беше многу поскапа. Ја купив и таа е мој партнер на сцената веќе 19 години. Тоа е како брак. Сфаќате дека ова е тоа што навистина го сакате и не сакам ниту една друга виолина.

Како почнавте да се занимавате со музика? Дали отсекогаш ве привлекувала?

Израснав во мала куќа во Холандија. Татко ми беше композитор, создаваше авангардна музика, но исто така свиреше и пијано. А кога свиреше на пијаното, изведуваше дела на Бах, Шуберт, Брамс… Постојано имаше музика во домот. Јас како дете постојано ги слушав тие разлини видови на музика, таа беше во воздухот и морав да реагирам на неа. Имав 5 години, кога за роденден родителите ми подарија виолина. Не станав пијанист како мојот татко, туку виолинист, бидејќи додека на радио одела музика изведена со виолина, некако сум реагирал и родителите сфатиле дека тоа е инструментот за мене. Важно е родителите да ви дадат можност. Доколку не ја засакав виолината најверојатно ќе изучував друг инструмент.

Сега ќерка ми како мене цело време слуша музика во домот, бидејќи и мојата сопруга е музичар и или ќе ја засака или ќе ја мрази музиката, но се надевам дека ќе ја засака.

Кој настап ќе го паметите цел живот?

Пред неколку недели бев член на жири за државен натпревар по виолина во Холандија и се потсетив кога и самиот учествував на тој натпревар во 1995 година. Тогаш имав само 22 години и победив на тој натпревар. Тоа беше голем успех. Тој настап во познатата концертна сала во Амстердам го паметам бидејќи тој е мојот прв голем возбудлив концерт. Понекогаш концертите кои најмногу ги паметите се поврзани со вашата емотивна состојба. Ако нешто се случува во вашиот живот и музиката ве поврзува со тоа. Можеби сте вљубени, или починал некој, или ви се родило дете…тогаш музиката добива дополнителна димензија

Разговараше: Невена Поповска

фото: Република/ Институт FAME’S

Поврзани вести