
Во текот на зимските месеци, жителите на урбаните средини многу често се изложени на зголемени концентрации на загадувачки материи во воздухот, што неповолно влијае првенствено на дишењето и кардиоваскуларните функции, но и на општото здравје.
Покрај стандардните јавно-здравствени препораки кои се однесуваат на спречување на навлегувањето на честичките од загадениот воздух во човечкиот организам, правилната исхрана има одредена улога во одбраната од штетното влијание на загадениот воздух. Иако исхраната не може да ги замени основните мерки за намалување на загадувањето, правилно избраните намирници можат да придонесат за зајакнување на одбранбените механизми на организмот и на ублажување на негативните ефекти од загадениот воздух.
Штетните влијанија од загадениот воздух, меѓу другото, се манифестираат преку предизвикување оксидативен стрес, односно нарушување на рамнотежата помеѓу создавањето на слободни радикали и способноста на организмот да ги неутрализира преку антиоксидативна заштита.
Поради тоа, се препорачува исхрана богата со антиоксиданти, витамини и минерали, како и со незаситени масни киселини, карактеристични за медитерански тип на исхрана, кои помагаат во намалување на оксидативниот стрес предизвикан од загадувачките материи во воздухот. Особено значајни се зеленчукот и овошјето богати со витамини Ц и Е, како што се зелка, брокула, спанаќ, пиперка, цитруси (лимони, портокали, грејпфрут), киви, јаболка, како и јаткасти плодови и семки.
Зеленчукот богат со каротеноиди, особено со бета-каротен, како што се морков, тиква, сладок компир (батат), диња, исто така имаат поволен антиоксидативен ефект на организмот.
Омега-3 масните киселини, коишто се наоѓаат во сината риба (сардина, скуша, лосос), како и во оревите, чиа и лененото семе, поволно дејствуваат на воспалителните процеси во организмот.
Во зимскиот период важно е да се обрне внимание и на доволниот внес на витамин Д, чиј природен извор на сончевата светлина е ограничен. Намирници како мрсна риба, јајца и збогатени млечни производи можат да помогнат во одржувањето на соодветното ниво на овој витамин. Покрај внесот преку исхраната, во текот на зимските месеци се препорачува и суплементација со проверени препарати.
Исто така, доволниот внес на течности, првенствено вода и топли билни чаеви, придонесува за зачувување на влажноста на слузокожата на дишните патишта, плакнење и полесно исфрлање на штетните материи од организмот. Се препорачува ограничување на внесот на индустриски преработена храна, намирници богати со заситени масти, сол и додадени шеќери, бидејќи таквата храна дополнително го оптоварува организмот и го слабее неговиот заштитен одговор.
Умерената, разновидна и редовна исхрана, заедно со доволно квалитетен сон и физичка активност во затворен простор, претставуваат важен дел од грижата за здравјето во текот на зимските месеци во услови на загаден воздух. Покрај тоа, ваквата исхрана се препорачува и за пушачи, лица под стрес, како и за оние што се склони кон чести инфекции.

Македонски






