Skip to main content

Најде кој да зборува

Долготрајните познавачи на СДСМ знаат дека оваа партија нема ни срам ни перде, но сепак, нивната кампања по прашањето на британските мигранти е изненадувачка и барем мене ме натера на одреден морбиден восхит и неверица. Воедно, ако се способни на ваков лупинг од 180 степени по прашањето на мигрантите, дали би можеле да направат нешто слично и на други теми, на пример – Бугарија?

Да почнеме со мигрантите. Во кратки црти, ВМРО е партијата која, во време кога беше под најсилен притисок од левичарските политичари од САД и од ЕУ, кои ни организираа обоена револуција во државата, се осмели да ја затвори европската граница за милионските колони мигранти од Сирија и Авганистан. Со тоа, ВМРО си доби уште повеќе проблеми со странците и си ја отежна положбата – наместо да се обиде да се пазари за сопствен спас користејќи ја кризата. Од друга страна, СДСМ е партијата на шарените левичарски соросоидни невладини организации кои директно логистички го помагаа транспортот на мигранти преку Балканот до Шведска и Германија. По прекинувањето на европската мигрантска криза (повторувам, прекината од страна на Владата на ВМРО со поддршка на Унгарија, Австрија и Словачка) во јавноста протекоа имејл пораки од централата на организацијата на Сорос кои покажаа дека цело време во канцеларијата во Скопје имало личност задолжена да испраќа неделни извештаи за движењето на мигрантите – колку поминале, дали им се обезбени потребните превозни средства, дали македонските власти се обидуваат да ги задржат на некој начин, како правно да се надминат тие ограничувања на движењето, дали имаат доволно мобилни телефони и сместувалишта попат – особено во Ваксинце… Паралелно додека ја организираше обоената револуција, канцеларијата на Сорос во Македонија ја организираше и локалната епизода од огромната европска мигрантска криза која засекогаш го смени политичкото и демографското лице на Европа.  Дури, не е надвор од умот да се помисли дека обоената револуција во Македонија делумно беше мотивирана од желбата на глобалистичките левичарски кругови во Њујорк, Лондон, Берлин и Брисел да се отстрани потенцијална пречка на патот на планираната поплава на континентот со мигранти.
Невладините организации поврзани со СДСМ кои беа ангажирани да ја водат обоената револуција истовремено работеа и на мигрантската криза. Па така, некои од нивните правни организации, широкоградо финансирани од УСАИД да притискаат за кршење на сите можни правни норми за да се гони раководството на ВМРО, паралелно спроведуваа проекти да го олеснува протокот на мигрантите низ Македонија и Балканот – овие организации измислуваа работи како „најава дека лицето ќе се поднесе барање за азил во рок од три дена“ со што им дозволувавме на мигрантите да ја поминат територијата на Македонија а барањето за азил да го поднесат во реалната конечна дестинација – Германија или Шведска. Таа екипа измислуваше правни зврчки како на пример идејата да се купат велосипеди кога воведовме забрана за превоз на мигрантите со автомобили и возови – што секако претставуваше трговија со луѓе. Чичко Сорос купи велосипеди кои локалните невладини активисти им ги даваа на мигрантите кај Гевгелија, а им ги земаа кога ќе стигнеа до Куманово, и потоа ги враќаа назад на југ за новата тура мигранти. На почетокот на годинава и американските медиуми пишуваа за оваа тесна поврзаност меѓу шарените невладини и мигрантската криза, кога, на пример, посочија дека една од најпрославуваните шарени активистки всушност работела за невладина организација платена за услугите пружени во текот на мигрантската криза.

https://silverloch.com/soros-is-using-usaid-to-fund-color-revolutions-everywhere

Додека беа на власт, СДСМ, преку нивната арх-соросоидна министерка за труд Мила Царовска, предложија стратегија која предвидуваше социјална заштита, образование, пристап до пазарот на труд, домување и локална интеграција на мигрантите, и иницираа носење на подзаконски акти за реално спроведување на овие мерки. Зборуваме за партија која тогаш веќе докажано не се интересираше да го добие мнозинскиот глас на Македонците, која беше донесена на власт со позајмени албански гласови, и веќе отворено си бараше ново гласачко тело. Тоа беше сериозен и обсмислен план да се донесат мигранти во Македонија, не само за транзит до Европа, туку со обезбедување на сите регулаторни услови да останат во земјата.
И покрај тоа, Македонија не успеа да привлече мигранти од Азија, освен помали групи работници во неколку гранки како текстил и градежништво и турскиот феномен кој се случува низ Балканот, бидејќи во исто време Европа остана широко отворена. Просто кажано, дури ни под соросоидната СДСМ, а особено не под ВМРО, во Македонија нема услови за масовен прием на мигранти, особено ако продолжи исклучително поволниот прием во Британија, Германија и Шведска.
Овие земји остануваат широко отворени за мигранти, иако, во меѓувреме, штетните ефекти од мигрантската криза станаа веќе незаобиколен дел од политичкото секојдневие. Британија секојдневно се буди со вести за убиства или силувања извршени од мигранти. Во еден скорешен случај, силувач од Етиопија беше пуштен од затвор по грешка, – со денови граѓаните го снимаа како збунето се шета низ Лондон, за на крај, кога конечно го уапсија, ликот побарал да му дадат 500 фунти да прифати брзо депортирање дома без да бара правна помош со која би се завлечкала целата работа. Британските власти му платиле на човек од Етиопијаа 500 фунти да си оди од земјата откако извршил сексуален напад! Нормално, со секојдневни вакви вести, угледот на Лабуристичката Партија се урниса и анкетите покажуваат дека ако денес се одржат избори, лабуристите би освоиле само 4 пратенички места (сега имаат 404). Убедливо најголема партија во Парламентот би била анти-имигрантската Реформска Партија на Најџел Фараж, која собра најголем дел од гласачите на Конзервативната Партија, пред се затоа што под Борис Џонсон конзервативците ги отворија границите на Британија за неконтролирано доселување од Африка и Азија (а згора на се Конзервативната Партија во моментов е предводена од доселеничка од Нигерија, што воопшто не влева доверба во британската јавност дека ќе бидат посериозни по прашањето на миграцијата ако повторно дојдат на власт). Во исто време, администрацијата на Трамп и медиумската империја на Илон Маск решија дека нема да и дозволат на Европа да го игнорира прашањето на демографските промени, па така, и покрај постојаните апсења на Британци за пораки на социјалните мрежи, планот да се забошоти темата не им успева.
Состојбата е толку очајна за лабуристите што некои во британската левица веќе се откажуваат од Лабуристичката Партија и сметаат дека левите гласови треба да се насочат кон Зелената Партија (слично како што по изборниот бродолом на СДСМ, има повици скопската левица да се качи на бродот на партијата Левица – нормално, по смена на Апасиев со Амар Мециновиќ). Затоа, не е чудно што британската Влада очајно бара некаков спас. Од една страна, ја туркаат нивната министерка за внатрешни работи Шабана Махмуд (пакистанска мигрантка) да се заканува со нов строг пристап кон мигрантите (во што секако никој не верува). Британците постигнаа договор со Франција да и депортираат назад по еден одбиен барател на азил за секој нов мигрант што ќе им дојде со чамец преку Ламанш. Само што почна да се спроведува оваа one-in one-out мерка, еден од првите мигранти што Франција се согласи да го прими пиша на социјалните мрежи дека се вратил во Британија по само неколку недели.
Накусо, состојбата не им е добра. Премиерот Стармер може да се обиде да се држи на власт, да одбива предвремени избори (а во последно време почна да откажува дури и редовни локални избори во обид да го прикрие колапсот на неговата партија) но реално, толку непопуларна партија не може да седи на власт со години. Затоа, за очекување е да се обидат да бараат начин нивниот проблем да го префрлат на некој друг. Босна, а сега и Македонија, веќе јавно го одбија нивното барање за мигрантски кампови, а дури и Еди Рама го одби Стармер за време на неговата посета на Тирана. Од друга страна, Косово, чија влада е очајна да добие некој посериозен странски спонзор бидејќи е во немилост на Запад, го прифати британското барање, што веројатно ќе им биде доволно на лабуристите да ја замајуваат јавноста некое време додека и овој план не им крахира.
А планот секако ќе крахира. Зад мигрантската криза стојат моќни интереси – бизнис лобито кое бара нови работници, подивениот сектор на недвижности кој стравува дека ако секне чешмата на нови доселеници ќе паднат напумпаните цени, левичарските политички интереси кои постојано бараат нови гласачи бидејќи домородното население не може да ги смисли… Демографската криза во безмалку сите западни држави не се случила случајно. Сериозни интереси притискаат оваа состојба да продолжи и границите да останат отворени.
Првиот пат кога СДСМ се обиде да дефокусира од стратешкиот договор за инвестиции со Британија така што почна да крева паника околу мигрантите, јас пишував за тоа колку е тешко да се совладаат сите овие интереси и да се депортира макар и еден мигрант од земја како Британија. Еве, Албанија целосно се нуди за прием на мигранти од Италија, па сепак бројот на депортирани лица е неколку десетици.

https://republika.mk/kolumni/strateshki-presvrt/етици.

Силните интереси кои стојат зад овој проект финансираат сериозни адвокатски агенции и невладини организации кои ги користат сите можни трикови да го спречат депортирањето на мигрантите. Ги учат божем да сменат вера па да кажат дека ќе бидат животно загрозени ако се вратат во Авганистан како новопечени христијани или будисти, ги подучуваат да си ги уништат пасошите па да се прават дека се малолетници, и ги насочуваат кон безбројни програми за финансиска помош поради која Британците веќе отворено се бунтувааат кога ќе видат дека вчера дојден мигрант вози подобра кола од нив и има социјален стан додека тие плаќаат за се. Невладини организации дури финансираат бродови кои им помагаат на мигрантите во Средоземно Море да стигнат до Италија. Про-мигрантските правни организации во Италија го дотераа Матео Салвини безмалку до затвор затоа што се обиде да ги запре мигрантите. А Британија има далеку посилни правни заштити за странците од Италија.
Не знам што лабуристите мислат дека ќе постигнат со тоа што секој месец излегуваат со ново спасоносно решение, како што е сега приказната за кампови во Македонија или на Балканот, кое по неколку недели ќе се покаже како ќорак. Буквално водат купи-ден-помини пропагандна тактика. Но, многу интересна е реакција на СДСМ. Значи, повторувам, се работи за партија која беше целосно трансформирана од соросоидните елементи кои навистина веруваат дека на Европа и треба демографска трансформација и отворени граници, партија која се откажа од македонските национални интереси и им ги нудеше на сите наши соседи за плацеви во Дубаи, партија која на крај се согласи да биде помалиот коалициски партнер на ДУИ – тие сега ќе ја бранеле Македонија од мигранти. А мигрантите наводно сака да ги донесе ВМРО – партија со неспорно докажан минат труд во контролирање на мигрантските текови. ВМРО кое со судни маки ја пензионираше ДУИ и се бори да го намали нивното прекумерно влијание во управувањето со државата, за Македонците да бидат свои на своето, сега наводно одвај чекало да увезе нови граѓани/гласачи и да им ја предаде Македонија. Па го гледаме лидерот на ова безлично, постнационално СДСМ, човек кој инаку е лекар, како излегува на прес конференција да предупредува дека мигрантите, освен што се силувачи и убијци, ќе ни донеле и разни болештини – пропаганден наратив кој буквално е измислен од нацистите и кој, ако такво нешто каже политичар од десницата, веднаш ќе се соочи со тужби и извештајчиња од соросоидите.
Како е ова можно и дали во СДСМ навистина мислат дека некој ќе им поверува дека се искрено загрижени за демографската слика на Македонија? (патем, единствена влада која навистина примила странски мигранти е владата на СДСМ која во 2021 година, по падот на Авганистан под контрола на талибанците, привремено смести над 400 Авганистанци во скопскиот хотел Белви – деновиве, по нападот во Вашингтон, гледаме дека е многу можно меѓу нив да имало и герилци кои работеле за американските сили/ЦИА).
Објаснувањето за чудното однесува на Филипче е во длабоките комплекси кои СДСМ ги влече од поскорешното минато, конкретно до 2007 година кога партијата реши да ги напушти македонските национални позиции и да било какви условувања од надвор, само да дојде на власт. СДСМ упорно се надева дека ВМРО ќе спроведе барем нешто налик на нивните предавства, за да можат да кажат дека, ете, „сите се исти“, „ние не сме толку уникатно лоши/предавници, ете и ВМРО исто прави“. Со месеци СДСМ се обидуваат да ја претстават балансираната коалиција на ВМРО со ВЛЕН како да е иста или полоша на нивната коалиција со ДУИ, во која СДСМ на крајот беше вториот, помалиот коалициски партнер.  Но пред се, СДСМ моли Бога (или во што и да веруваат во таа партија) дека ВМРО без промени ќе го прифати договорот што СДСМ го потпишаа со ЕУ и со Бугарија. Затоа е и значајна оваа бизарна прес конференција на Филипче за „кризата со мигрантите“. Доколку ВМРО постигне некаков компромис со Бугарија (со гаранции за идентитетот од ЕУ, со одложено дејство и со соодветни отстапки на Бугарија кон македонското малцинство), и потоа Македонија прифати внесување на Бугарите во Уставот, можеме да го очекуваме Филипче да држи панични прес конференции, да повикува на потпишување онлајн петиции (каде што може да глуми масовна поддршка со купени IP адреси) и да раскажува како ете тој ќе ја брани Македонија од Бугарите. Звучи лудо, но ете, деновиве ја гледаме партијата која што искрено веруваше и ја промовираше приказната за мултикултурна Европа без граници како шири паника за болестите што со себе ги носеле мигрантите. Партијата која во 2015 и 2016та година ги напаѓаше македонските полицајци преку насилни протести во Скопје додека тие полицајци ни беа потребни на јужната граница, партијата која што цело време шуруваше со идеологот на мигрантската криза – Џорџ Сорос – таа партија ни се претставува како заштитник од мигрантите. Партијата која целата власт му ја даде на тацна на Али Ахмети се обиде да тера изборна кампања против ВЛЕН. Мислиш дека нема во погоден момент да пробаат да се прикажуваат и како заштитници на македонскиот национален идентитет? Седи, не ги знаеш.