
Оперскиот пејач Игор Дурловски, во реакција по последните случувања во Кавадарци повика да се воспостават јасни, строги и транспарентни правила за организацијата, работата и јавните настапи на странските изведувачи, како и да се формира стручно и компетентно тело кое ќе ја уреди оваа област.
– Во држава која и понатаму се обидува да зачува барем минимална културна сувереност, нашата јавна сфера се’ почесто се сведува на навивачки трибини за „културни“ конфликти што не се ниту наши, ниту за нас релевантни. По последните случувања во Кавадарци станува јасно дека одредени фигури и портали од балканската естрадна периферија не се задоволуваат само со диктирање на јавниот вкус, туку отворено се обидуваат да влијаат и врз домашните политички процеси. Ако државава навистина верува дека може да функционира со минимален степен на самопочит, тогаш е крајно време да воспоставиме јасни, строги и транспарентни правила за организацијата, работата и јавните настапи на странските изведувачи. Тоа не е рестрикција, туку елементарен механизам за културна самозаштита, пишува Дурловски во објава на својот Фејсбук профил.
Дурловски предлага да се формира тело што ќе воспостави јасни критериуми, процедури и стандарди, но и ќе ја заштити нашата културна сфера од деградација во сензационалистичка придружна програма на туѓи интереси.
– Или ќе ја артикулираме сопствената регулаторна рамка, или, да бидеме чесни, можеме мирно да се самораспуштиме и да признаеме дека нашата културна и медиумска архитектура е оставена на милост и немилост на лукративни проекти со центри надвор од Македонија.
Предлагам задолжително формирање на едно стручно и компетентно тело кое ќе ја уреди оваа област. Тело што ќе воспостави јасни критериуми, процедури и стандарди, но и ќе ја заштити нашата културна сфера од деградација во сензационалистичка придружна програма на туѓи интереси. Ако сакаме да постоиме како држава, мора да престанеме да се однесуваме како публика на настан чиј режисер никогаш не сме го избрале, наведува оперскиот пејач Дурловски.
По реакциите во јавноста за прекинатиот настап на Аца Лукас во Кавадарци, од СВР Велес вчера информираа дека полицијата констатирала дека пејачот настапувал без потребната дозвола по што бил приведен.
– Утрово во во 00:10 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го приведоа А.В. (57) од Република Србија. При вршење на акциска контрола во угостителски објекти на подрачје на Кавадарци, од страна на полициски службеници од ОВР Кавадарци, Одделение за криминалистички работи при СВР Велес, инспектор за странци од Регионален центар за гранични работи Југ, заедно со Државен пазарен инспекторат, Државен инспекторат за труд и Управа за јавни приходи, било констатирано дека во угостителски објект во Кавадарци А.В. настапувал без потребната дозвола, соопштија од СВР Велес.
Против А.В била поднесена прекршочна пријава по член 217 став 1 точка 2 од Законот за странци, а од страна на Основен суд Кавадарци му била изречена парична казна.

Македонски








