Skip to main content

„Јазикот“ од Михајло Свидерски ќе се чита во вагоните и станиците на Софиското метро

Десеттото издание на проектот „Европска поезија во вагоните и станиците на Софиското метро“ ќе се реализира од 18-ти ноември до 15-ти декември 2025, кога во вагоните и станиците на метрото во Софија ќе се чита европска поезија. Македонскиот културно-информативен центар за втори пат се вклучува меѓу организаторите. Проектот е инициран од Полскиот институт во Софија, а во него се вклучени европските културни центри од кластерот на ЕУНИК, странски амбасади во Софија, Општината на главниот град – Софија, Бугарското национално радио и телевизија.
Секоја година организаторите на „Поезија во метрото“ објавуваат тема, според која секој странски центар избира кратко поетско дело и истото за времетраењето на проектот е претставено во печатен вид во вагоните и станиците на Софиското метро. Голем број граѓани на Софија имаат можност да ги прочитаат песните на оригиналниот јазик, како и во превод на бугарски јазик.

Македонскиот културно-информативен центар во Софија ја претставува кратката песна „Јазикот“ од Михајло Свидерски, во превод од Јаница Радева.

Овогодишното издание на проектот вклучува дваесет и пет поетски имиња: Лорена Пирхер (Австрија), Макс Темерман (Белгија), Људмила Миндова (Бугарија), Херман Хесе (Германија), Никифорос Вретакос (Грција), Јоханес В. Јенсен (Данска), Ивен Боланд (Ирска), Луис Розалес (Шпанија), Свети Франциск Асишки (Италија), Владс Бразјунас (Литванија), Пит Хјоролд (Луксембург), Ингер Хагерјуп (Норвешка), Радјард Киплинг (Велика Британија), Чеслав Милош (Полска), Жоао Луиш Барето Гимараеш (Португалија), Никита Станеску (Романија), Михајло Свидерски (Македонија), Јурај Куњак (Словачка), Едвард Коцбек (Словенија), Максим Кривцов (Украина), Имре Оравец (Унгарија), Хели Лаксонен (Финска), Жан Метелус (Франција), Вит Јанота (Чешка), Жак Шесекс (Швајцарија).

Официјалното отворање на проектот ќе се одржи на 18-ти ноември, од 18:30 часот во Полски институт во Софија, на ул. „Веслец“ бр. 12.