Skip to main content

Љутков: Транзитниот туризам станува повеќе од минување, тој се претвора во покана за истражување, можност патниците да ја доживеат Македонија како земја на приказни, култура и автентични искуства

Како министер за култура и туризам, имав чест да се обратам на првиот панел „Е-75 – инфраструктурата како основа за развој на транзитниот туризам“, каде што заедно со мојот колега, потпретседателот на Владата и министер за транспорт и врски, г. Александар Николоски, ги споделивме визиите за тоа како Е-75 може да стане креативен коридор на културна размена и економски развој, напиша на својот фејсбук профил министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Е-75 не е само автопат, туку симбол на поврзување на луѓето, идеите и културите.

Транзитниот туризам станува повеќе од минување, тој се претвора во покана за истражување, можност патниците да ја доживеат Македонија како земја на приказни, култура и автентични искуства.

Во своето обраќање ја истакнав потребата од интегрирање на туристичката понуда, вклучување на локалните заедници и примената на зелени, одржливи практики во развојот на креативниот туризам.

Патиштата ја движат економијата, но туризмот ја носи душата на едно место. Кога овие две сили ќе се здружат, тогаш се создава енергија што го движи целиот регион напред.

Конференцијата „Е-75 – основа за развој на креативен туризам и негова одржливост“ се одржа денеска во рамките на фестивалот „Недела на дизајн – Скопје“, во организација на Министерството за култура и туризам. Настанот ги собра експертите, институциите и претставниците од туристичкиот и креативниот сектор со заедничка цел, да се дефинираат насоките за развој на нов модел на туризам кој ќе ги поврзе инфраструктурата, културата и креативноста.

Поврзани вести