
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола соопшти дека повело постапка за кривично дело телесна повреда при семејно насилство против битолчанецот што претходно избега низ прозор од полициска станица.
Тој е осомничен дека на 10 ноември во неговиот дом ја повредил неговата девојка. По расправија започнал да ја дави и со тупаници и шлаканици ја удирал по главата и телото.
„Јавниот обвинител до Судот достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, особено имајќи го предвид фактот дека тој, откако дознал дека е пријавен, избегал од полициска станица. Ова, според јавниот обвинител, укажува на неговата решеност да го избегне кривичниот прогон, што претставува ризик за непречено водење на постапката“, соопшти ОЈО Битола.
Осомничениот вчера сам се предаде во полициска станица откако полицијата соопшти дека во координација со обвинителството и неговиот адвокат презеле мерки тој да се пријави сам.

Македонски



