
Македонскиот долгометражен игран филм „Сладоста на горчливите нешта“ на режисерот Андреј Волкашин ќе ја има својата светска премиера на престижниот Tallinn Black Nights Film Festival (PÖFF), каде е селектиран во официјалната натпреварувачка програма „First Feature Competition“.
По вечерашната проекција е предвидена средба со публиката на која ќе присуствуваат режисерот Андреј Волкашин, продуцентката Елена Станишева и дел од актерската екипа, меѓу кои Зорица Нушева, Лео Поповиќ и Јана Никодиновска.
Покрај светската премиера, филмот ќе има уште две фестивалски проекции на 18 ноември, во Тарту и во Талин.
„Сладоста на горчливите нешта“ е македонско-бугарско-хрватска копродукција во продукција на „Веда Филм“, поддржана од Агенцијата за филм на Македонија, Бугарскиот национален филмски фонд, Хрватскиот аудиовизуелен центар и фондот „Еуримаж“. Развојот на проектот бил поддржан и награден во рамки на TorinoFilmLab во Италија.
Сценариото и режијата ги потпишува Андреј Волкашин, директор на фотографија е Кирил Проданов, монтажер Невелин Вулчев, а продуцентка е Елена Станишева.
Во филмот настапуваат Зорица Нушева, Лео Поповиќ, Јана Никодиновска, Ана Костова, Гораст Цветковски и Александра Петковска.
Филмот е сниман на повеќе локации во југоисточниот дел на државата, меѓу кои селото Петрово кај Гевгелија и Демир Капија, чиј амбиент и пејзажи имаат важна улога во неговиот визуелен идентитет.
Годинашното издание на фестивалот е јубилејно, по повод 30 години од неговото постоење. Tallinn Black Nights Film Festival е еден од 17-те фестивали во светот со А-категорија на Меѓународната федерација на филмски продуценти (FIAPF), во друштво на фестивалите во Кан, Берлин и Венеција.
Фото:Веда Филм Продакшнс

Македонски



