
Во просториите на Националниот парк Шар Планина во Тетово синоќа беше отворена изложба на фотографии на балканскиот рис дел од Патувачката изложба што ја организира Македонското еколошко друштво во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“. Изложени се 21 фотографија која жителите на Тетово ќе може да ги погледнат до 21 ноември.
Се работи за 21 фотографија, претежно снимени со методот на фотозамки во текот на 18 години работа со оваа метода. Ги селектиравме најдобрите слики од стотици слики кои што ги имаме од рисот досега. Изложбата започна во националниот парк Маврово па понатака беше на Пелистер па на Галичица и од охридската и од ресенска страна и еве сега е тука во Тетово. Ќе биде изложена тука до 21.11 за сите посетители ќе може да ја посетат изложбата, изјави Диме Меловски од Македонско еколошко друштво.
Рисот е забележан и на Шар Планина. За тоа сведочи една од фотографиите која е направена наподрачјето на Националниот парк во текот на 2024 година.
Подрачјето на национален парк Шар Планина е едно од потенцијалните подрачја каде што може да се најде балканскиот рис. Ова подрачје е мапирано од Македонското еколошко друштво и од нивната долгогодишна работа на терен. Минатата година нашата ренџерска служба успеа да го лоцира на трап камерите, првпат да го евидентира и да го докаже, на една локација, тоа е локацијата во Долна Лешница. Горди сме на таа работа. Продолживме и оваа година. Меѓутоа, за жал оваа година не успеавме да го фатиме на камера. Успеавме да најдеме измет и отпечатоци, значи траги од него, стапалки, изјави Анела Ставревска Панајотова – Раководител на одделение за заштита на природата во ЈУ Национален парк Шар Планина.
Патувачката изложба со фотографии на балканскиот рис на 22 ноември ќе биде и на планината Козјак близу Скопје со цел да биде претставена на заштитеното подрачје Јасен. Со тоа ќе се заокружи изложувањето на фотографиите во сите заштитени подрачја, од МЕД планираат и изложба во главниот град.

Македонски







