
На 22 октомври 2025 (среда), со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот Културно-информативен центар ќе се одржи концертот на Дарко Багески (гитара) и Петар Танески (кларинет).
На програмата на инструменталното дуо се дела од Георг Фридрих Хендел, Волфганг Амадеус Моцарт, Астор Пијацола, Ѓора Фејдман, Радојка Живковиќ, Никола Бадев и традиционални македонски песни.
Дарко Багески музичкото образование го стекнал во Скопје, Македонија (проф. Јане Пенов) и Загреб, Хрватска (проф. Џевдет Сахатџија), а дипломирал на Високата музичка школа „Франц Лист“ во Вајмар, Германија (проф. Јирген Рост).
Своето образование го продолжил на последипломски студии на Националниот конзерваториум за музика во Солун, Грција, во класата на проф. Герхард Рајхенбах, а магистрирал под менторство на проф. Костас Коциолис.
Има одржано бројни концерти и рецитали во Германија, Грција, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Македонија, Италија, Шведска, Кина и САД, и учествувал на семинари и мастер-класи со светски познати гитаристи како: Павел Стејдел, Томас Милер Перинг, Лаура Јанг, Зоран Дукиќ, Аниело Дезидерио, Никита Кошкин, Ернесто Битети, Карло Маркионе, Одaир Асад и други.
Настапува и како солист со многу камерни оркестри, како и со Македонската филхармонија.
Меѓу бројните награди, ја има добиено и наградата од Здружението на музички и балетски педагози на Македонија за успешни години на работа во полето на педагогијата.
Моментално е вработен како редовен професор по гитара на Факултетот за ликовни уметности – музика во Скопје.
Исто така, е уметнички директор на Фестивалот за гитара „Тремоло“ во Скопје, основач на Летната гитарска академија во Охрид и претседател на Македонската заедница на класични гитаристи.
Петар Танески е роден во Охрид, Република Македонија, каде што го завршува основното музичко образование. Средното музичко образование го завршува во Скопје, во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“.
По завршувањето на средното образование, продолжува на студии на Државната музичка академија во Софија, Бугарија, како прв меѓународен студент по кларинет со целосна стипендија од Академијата. Негови ментори се проф. Борислав Јоцов, истакнат педагог и активен кларинетист, и проф. Петко Радев, 11 години прв кларинетист во операта „Ла Скала“ во Милано и еден од најистакнатите бугарски музичари.
Учествува на бројни мајсторски курсеви и семинари, стекнувајќи дипломи, пофалници и значајно искуство: Мајсторски курс со Чарлс Најдих (Juilliard School), семинар со Николас Балдејру, прв кларинетист на Orchestre National de France, со настап на завршниот концерт, семинари со Сабине Мајер (поранешен прв кларинет на Берлинската филхармонија), Рајнер Веле, Илиан Илиев и други.
Одржал и бројни концерти како солист и камерен музичар во Бугарија, Македонија, Србија, Италија и други европски земји.
Соработувал и настапувал со истакнати кларинетисти и инструменталисти, меѓу кои: Наум Грујовски (Sofia Philharmonic), Fabio Di Càsola (Zurich University of the Arts; Geneva Competition лауреат), Pablo Barragán (меѓународен солист), Дамјан Пејчиновски (меѓународен гитарист) и други.
Од 2012 година Петар Танески е професор по кларинет во ООМУ „Методи Патче“ – Охрид.
Неговите студенти се добитници на бројни државни и меѓународни награди и признанија, вклучително и први места на натпревари. Дел од нив продолжуваат студии на престижни музички академии во Германија, Австрија, Бугарија и други земји.
Држи онлајн лекции на „Play with a Pro“ и на други реномирани платформи, соработувајќи со студенти и кларинетисти од САД, Европа, Австралија, Обединетото Кралство и др.
Член е на жири-комисии на државни и меѓународни натпревари за кларинет/дрвени дувачки и одржува семинари во неколку балкански земји.