
Во летно време, пиењето на вода треба да е континуиран процес, не треба да се чека ожеднување или момент на влошување на здравствена состојба за да се внесе вода, велат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Соодветен внес на вода во телото за возрасни со просечна тежина од околу 70 kg е околу 2 l. Меѓутоа, човечкото тело по својата природа на функционирање некогаш може да има потреба од повеќе вода, па со цел за нормално функционирање на телото треба соодветно надополнување. Имено, при топло време, препорачливо е внесот на водата да ја надмине оваа количина. Исто така, многу е важен рамномерниот внес на течности во тек на цел ден, а не тоа да се прави само во одреден временски период од денот.
Во тек на топло време клучно е да се избегнат пијалаци што содржат висока количина на кофеин (чај, кафе), шеќер (засладени безалкохолни пијалаци) и алкохол. Овие течности, по нивните диуретични својства, овозможуваат организмот да изгуби поголема количина на течности, а со тоа претставуваат потенцијална опасност за дехидратација на организмот, велат од ИЈЗ.
Работниците на отворено, на секои половина час треба да пијат по најмалку половина чаша вода.
ИЈЗ има препорака и за физичката активност при топло време.
Лицата со зголемена телесна тежина, старите, децата и лицата кои не се навикнати на тешки вежби особено треба да бидат претпазливи.
Вежбајте во раните утрински часови, најдоцна до 9 часот, и попладне по 18 часот, советуваат од ИЈЗ.
Телото се лади со потење, но ладењето е потешко во влажни услови (временски услови, несоодветна облека, интензивен напор) бидејќи потта не се испарува толку брзо од вашата кожа. Отчукувањата на срцето се зголемуваат додека вашето тело работи напорно за да ја одржи својата ладна.
Облеката да ви биде широка и со светла боја. Облеката да ви биде памучна, а не од синтетска природа. Носете заштитни очила за сонце доколку сте на отворено и нанесете крем за сончање на сите видливи делови на телото најмалку 30 минути пред да се изложите на сонце и со најмалку 30 заштитен фактор, советуваат од ИЈЗ и додаваат дека дневно може се изгубат и по неколку литри вода, заради тоа, во текот на вежбањето треба да се понесе неколку литри вода.