
Со емотивни приказни и силни пораки, документарниот филм „Промени го крајот на нечија приказна“ ја доживеа својата премиера синоќа во Кино Фросина, МКЦ, испраќајќи моќен повик за подигнување на свеста за донирање органи во Македонија.
Документарецот е продуциран во рамките на проектот „Поддршка на системот за трансплантација” финансиран од Европската Унија, кој значително ја зајакна инфраструктурата и протоколите за трансплантација во земјата.
Националната координаторка за трансплантација и донирање органи, проф. д-р Билјана Кузмановска, нагласи дека „овој филм е повеќе од само приказна – тој е сведоштво за храброста на пациентите, великодушноста на донаторите и посветеноста на медицинските професионалци кои го овозможуваат дарот на животот“.
Секој ден, илјадници луѓе чекаат втора шанса – шанса да живеат, да напредуваат и да споделат повеќе моменти со своите сакани. Сепак, премногу животи се изгубени поради недостигот на достапни органи. Овој документарец фрла светлина на таа реалност, но носи и надеж. Не’ потсетува дека преку свесност, едукација и акција, можеме да ги промениме животите. Ве повикувам сите да гледате со отворени срца и умови. Дозволете овој филм да инспирира разговори, да поттикне донирање органи и да го зајакне неверојатното влијание на трансплантацијата. Заедно, можеме да направиме разлика, еден по еден живот, истакна Кузмановска.
Адријана Георгиев, раководител на Програмата за трансплантација од Министерството за здравство, нагласи дека „ова е филм за тоа како органодонорството ги менува животите на сите нас“.

Би сакала да се заблагодарам на три млади жени кои беа инспирација за овој филм, но и инспирација за тоа како во животот треба да не’ водат емпатијата, добрината, сочувството и љубовта. Нивната одлука да ги донираат органите од нивната мајка спасија неколку животи, а на сите нас ни покажаа како и најтешките мигови некогаш можат да изродат добрина. Овој филм им е посветен на нив. Посветен е на нивната мајка и на сите останати донори и на нивните семејства кои во моменти на најголема така одлучија да ги донираат органите и да спасат нечиј живот. Филмот е посветен на сите пациенти кои чекаат на листите за трансплантација и на сите оние кои добија орган од починат дарител. На луѓето како Емилија која ни беше инспирација да ја започнеме приказната со трансплантацијата на срце и да не се откажуваме дури и кога се чини декка е најтешко. Таа е една од оние луѓе кои ни покажуваат како е да се сака животот. Благодарност до делегацијата на ЕУ која ја препозна нашата работа и ни помогна не само да го снимиме овој филм туку и да го реализираме целиот проект за Поддршка на системот за трансплантација во земјава. Ова е филм кој ја покажува моќта на трансплантацијата раскажана и преку приказните на оние кои ја работат – лекарите и влијанието кое таа го има врз нив како професионалци, рече Георгиев.
Во режија на Христина Ѓорѓиевска и во продукција на „ВИДИ ВАКА” во соработка со Министерството за здравство на Република Македонија, документарецот служи како образовна алатка за отстранување на заблудите за донирањето органи и за охрабрување на граѓаните да размислат да станат донатори.
Документарниот филм ќе биде понуден на националните телевизиски станици и другите медиуми заинтересирани да придонесат за оваа витална кауза. Дополнително, ќе биде пријавен на бројни филмски фестивали како во земјата, така и низ Европа, за да се прошири свеста за важноста на оваа животоспасувачка медицинска процедура.