Skip to main content

Јанша најави преместување на словенечката амбасада во Ерусалим и укинување на признавањето на палестинската држава

Словенечкиот премиер Јанез Јанша најави преместување на амбасадата на Словенија од Тел Авив во Ерусалим, обновување на односите со Израел и повлекување на признавањето на палестинската држава, објави словенечката агенција СТА.

Во изјава за израелскиот весник „Израел хајом“, Јанша оцени дека признавањето на Палестина од страна на претходната левичарска влада „не е во согласност со словенечкото законодавство“.

– Ќе го почитуваме законот и ќе ја замрзнеме нивната незаконска одлука. Тоа го поставивме како услов за нашето учество во коалициските преговори и сите се согласија со тоа – изјави Јанша.

Тој наведе дека има намера да ги обнови односите меѓу Словенија и Израел, кои, како што рече, претходната влада ги доведе на „историски ниско ниво“, и дека тоа ќе го направи со преместување на амбасадата од Тел Авив во Ерусалим.

Со овој потег, Словенија би станала првата членка на Европската унија со амбасада во Ерусалим. Во моментов, само неколку држави имаат дипломатско претставништво во тој град – САД, Косово, Гватемала, Хондурас, Парагвај и Папуа Нова Гвинеја, наведува СТА.

Јанша оцени дека Израел е „стратешки партнер“ кој придонесува за регионална стабилност и борба против тероризмот, опишувајќи го како демократски сојузник и пример во повеќе области, вклучително технолошки иновации, претприемништво, научни истражувања, управување со кризи и национална безбедност.

Тој додаде дека Словенија и Израел се соочуваат со слични предизвици – тероризам, екстремизам, ерозија на националниот идентитет и зголемен геополитички притисок.
– Наместо да се оддалечуваат, треба да ја зајакнат соработката. Израел не е проблем на Европа, туку еден од нејзините најважни сојузници – порача Јанша.

Според најавите, Јанша ќе го изнесе овој став и во Брисел, каде планира да формира блок на земји што го поддржуваат Израел и да се спротивстави на евентуални санкции против Израел и израелски државјани.

Иако се очекува поширока европска дебата, словенечкиот премиер, како што наведуваат медиумите, има намера и билатерално да ги зајакне односите со Израел и да поттикне инвестиции и посети на израелски граѓани во Словенија.

Поврзани вести