
Театар „Златен Елец“ ја најавува премиерата на претставата „Теорема, леме“ според романот и филмот на Пјер Паоло Пазолини.
Режијата и адаптацијата се на Мирко Радоњиќ, драматург е Ева Камчевска а координатор на проектот е Бобан Алексоски. Во претставата играат: Златко Митрески, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски, Марија Карилоска и Бранко Михајлоски
„Доколку Господ ви се јави со чудо, дали мислите дека вие – вашата природа – ќе се смени? Или пак ќе останете онакви какви што сте биле пред чудото да се случи?” Ова прашање го поставува Пазолини во својот роман, а и ние во претставата. Во свет воден од капитализам, војни и лажна слика за себеси, можно ли е да доживееме нешто метафизичко кое ги проширува границите на објективната стварност? Што ако го доживееме и потоа го снема? Како ќе се носиме со отсутството? Какви последици ќе остави оној кој заминува за оној кој останува и чека?“
Претставата не треба да се гледа низ призма на реализам, туку на парабола. Но асоцијациите што ќе ги предизвикаат сцените што ги гледате пред вас и она што во вас ќе го поттикнат (надежно), е без сомнение и во најмала рака – реално.“ – вели Ева Камчевска, драматург на претставата.
Овој проект е активност поддржана во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од страна на „Хартефакт фонд“ од крајот на 2024 година до крајот на 2028 година и Министерството за култура и туризам.
Проектот „Култура за развој“ го поддржува независниот културен сектор во Република Македонија, користејќи ја културата и уметностите за поттикнување критичко размислување за општествените прашања важни за локалните заедници. Целта е да се стимулира поотворено и демократско општество преку јакнење на социјалната кохезија, демократските процеси и општествениот дијалог, како и преку охрабрување на соработката меѓу културните институции.
Премиерните изведби се на 2 јули од 20 часот во Младински културен центар Скопје, Сала Фросина и 3 јули од 20:30 часот во Сули Ан во склоп на „Скопско лето“. Билети на tix.mk и karti.com.mk.

Македонски



