Skip to main content
Трибина за подигнување на свеста за опаката болест

Се зголемува бројот на млади жени кои се соочуваат со ракот на дојка

Се зголемува бројот на млади жени под 30 години кои се соочуваат со рак на дојка, што ја нагласува важноста на едукацијата и подигнувањето на свеста за оваа болест. Ова беше истакнато на денешната трибина што се одржа во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, прва од серијата настани што Здружението „Хемо Онко“ ги организира за подигнување на свеста за ракот на дојката.

Од Здружението „Хемо Онко“ истакнаа дека превенцијата и процесот на лекување се многу важни и повикаа на ран скрининг.

Оваа кампања, која опфаќа подигнување на свеста за рак на дојка, од дијагноза, преку хируршки зафат, до реконструкција на дојка, е по иницијатива на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје. Ние како здружение на пациенти „Хема онко“ сме посветени на пациентите со рак. Како нивни негуватели сме многу активни во подигнувањето на свеста за ракот на дојка. Една од основните работи што ги правиме како здружение е едукацијата на пациентите. За жал, сѐ повеќе имаме пациенти со рак на дојка. Сакаме скринингот да се превенира и затоа апелираме на ран скрининг, на рани прегледи, на самопрегледи на пациентите, но кога ќе се постави дијагнозата, патеката понатаму е покомплицирана и добро е да им се објасни на пациентите кои се вистинските чекори кои треба да ги преземат, изјави Милица Кузмановска, потпретседател на здружението „Хемо Онко“.

Едукацијата за свесноста и за реконструктивна хирургија, како што дополнуваат, е исто така, многу важна.

Како здружение, сметаме дека треба да се зборува и колкава е желбата на пациентките по преживувањето на канцерот, по поминувањето на терапиите да се почувствуваат како целосни, како жени, иако тоа е лична одлука. Не секоја од нас се одлучува за пластична реконструкција, но треба да им дадеме можност на пациентките да бидат информирани и секоја пациентка да знае кои се нејзините опции и во овој дел на третманот. Кога ќе осознаеме дека сѐ помлади заболуваат, па и под 30 годишна возраст, тогаш сфаќаме колку е битен и овој дел од третманот и колку е важна едукацијата, вели Ана Маријановиќ, онколошки пациент од Здружението „Хема Онко“.

По трибините во Прилеп и Гевгелија, настани се предвидени и во Кавадарци и Тетово. Последната трибина ќе биде на 5 март во Скопје.