Skip to main content

Првпат во Македонија изведена 3D витрео-ретинална хирургија и примена на интраоперативна ангиографија на Клиниката за очни болести

На Универзитетската клиника за Очни болести во Скопје првпат беа извршени хируршки интервенции на ретина/макула со систем за 3D визуелизација NGENUITY®️ 3D Visualization System, соопшти Министерство за здравство.

Во изминатиот месец во два наврати беа оперирани шест пациенти со ретинални заболувања од страна на витрео-ретиналниот хирург д-р Лукан Мишев, од соседна Република Бугарија, а доктори од клиниката на одделот за ретина Доц. д-р Наташа Трпевска Шекеринов, Прим. д-р Газменд Мехмети и специјализант д-р Стефан Пандилов се едуцираа за овој тип на хируршка интервенција кои во наредниот период ќе ги извршуваат ваквиот тип на операции на нашата клиника, се вели во соопштението.

фото: Министерство за здравство

Станува збор за примена на 3D технологија и изведување на оперативниот зафат-хирургија на макула без примена на окулари, а истовремено високо-резолуциски 3D прикажувања и значително подобра длабинска перцепција, што овозможува прецизна анализа на ретиналните структури и суптилно манипулирање во текот на интервенцијата.

Оперативниот тек преку live stream беше следен и од страна на останатите офталмолози и лекари на специјализација на клиниката, со што Универзитетската клиника за очни болести во Скопје уште еднаш го потврди својот статус како терциерен центар за современата офталмолошка наука и пракса, каде образованието и иновацијата се дел од секојдневната работа, велат од МЗ.

Посебно значаен момент беше и примената на интраоперативна флуоресцеинска ангиографија, што претставува новина во нашата клиничка пракса. Овој метод овозможува реална проценка на васкуларните промени од ретиналната циркулација, во самиот оперативен тек, во реално време, се додава во соопштението.

Поврзани вести