
Министерството за здравство ја информира јавноста дека е спроведено годишното усогласување на максималните цени на лековите за 2026 година, согласно важечката методологија за формирање на цените.
Цените на лековите претставуваат клучен инструмент за обезбедување достапна терапија за граѓаните и одржливост на здравствениот систем, поради што нивното утврдување е стратешка одлука со директно влијание врз јавните здравствени расходи – појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Врз основа на анализите и преговорите, утврдени се намалувања на максималните цени кај лековите каде што постојат соодветни пазарни показатели.
На веб страната на Министерство се објавени одлуките со новите намалени максимални цени, при што намалување е постигнато кај:
– 156 оригинаторни лекови
– 174 генерички лекови
– 13 лекови од интервентен увоз.
Новите цени ќе почнат да се применуваат од 1 мај, годинава, по периодот во кој фармацевтските компании ќе ги усогласат цените во прометот на големо и мало.
Особено го издвојуваме намалувањето на цената на лекот „Ксарелто“ (ривароксабан), кој се користи во третман на кардиоваскуларни заболувања.
Кај овој лек е постигнато значително намалување на цената во прометот на големо:
-за таблети од 15mg и 20mg: од 2.307,48 денари на 1.606,10 денари
-за таблети од 10mg: од 824,10 денари на 589,45 денари.
· Со оваа мерка се овозможува поголема достапност на терапијата за пациентите, особено имајќи предвид дека станува збор за лек кој често се набавуваше од странство поради пониски цени, потенцира министерот Алиу.
Министерството за здравство информира дека овој лек е приоритет за вклучување на позитивната листа за примарна здравствена заштита во текот на 2026 година. Предлогот е веќе доставен до Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, со што се очекува дополнително олеснување на трошоците за пациентите преку утврден надомест од државата, а пациентот ќе имаат право на избор на лек од различен производител.
Министерството за здравство останува посветено на креирање политики кои обезбедуваат квалитетна, достапна и одржлива здравствена заштита за сите граѓани.

Македонски

