
По завршување на празничниот период да се избегнува продолжување на навиката за доцно јадење, со цел воспоставување и одржување на здрави и одржливи навики во исхраната, препорачува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
ИЈЗ објави препораки за Нова година и претстојните празници во врска со прејадување, алкохол и користење пиротехника.
Празничните прослави често се одвиваат во доцните вечерни и ноќни часови, а внесот на храна е зголемен, енергетски богат и често, нутритивно небалансиран. Иако овие навики најчесто се перципираат како привремени, нивното повторување во континуитет може да има значајни негативни ефекти врз здравјето.
Доцните и обилни оброци, исто така, се поврзуваат и со нарушување на квалитетот на сонот, појава на гастроезофагеален рефлукс, диспептични тегоби, чувство на тежина и абдоминална надуеност. Долгорочно, ваквите навики се асоцирани со зголемен ризик од дебелина, кардиоваскуларни заболувања, дијабетес тип 2 и други хронични незаразни болести.
Со цел намалување на здравствените ризици поврзани со доцното јадење за време на новогодишните празници, Институтот за јавно здравје ги дава следните јавноздравствени препораки:
Да се планира времето на последниот оброк, така што последниот поголем оброк во текот на денот да се консумира најмалку 3-4 часа пред легнување, имајќи предвид дека за време на празничните прослави времето на спиење може да биде поместено, но доцното јадење не треба да стане секојдневна навика.
Доколку празничната вечера е неизбежно организирана во доцните часови, да се прилагоди составот на оброкот и да се избира храна со пониска енергетска вредност.
При доцните оброци да се ограничува внесот на масна, пржена и силно зачинета храна, која дополнително го оптоварува дигестивниот систем.
Да се избегнува комбинирање на повеќе калорични јадења во еден доцен оброк, со цел намалување на метаболичкото и дигестивното оптоварување.
Да се внимава на големината на порциите при доцните оброци, имајќи предвид дека енергетските потреби на организмот во вечерните часови се намалени.
По консумирање на доцен оброк да не се легнува веднаш, туку да се остави време за иницијална дигестија.
По можност, по доцен оброк да се практикува лесна физичка активност, како што е кратка прошетка, со цел подобрување на гастроинтестиналната функција.
Во деновите помеѓу празничните прослави да се одржува редовен дневен распоред на оброци, со што се придонесува кон стабилизирање на метаболичкиот ритам.
Лицата со гастроинтестинални, метаболни и кардиоваскуларни болести да бидат особено внимателни
во однос на времето и составот на вечерниот оброк.
Времето на консумирање на храната претставува важен, но често занемарен аспект на здравата исхрана. Усогласувањето на исхраната со биолошките ритми на организмот претставува значаен чекор во превенцијата на незаразните болести и зачувувањето на здравјето за време на празничниот период.

Македонски





