Skip to main content
ПРИМ. Д-Р ЈАСМИНА ЃОРГИЕВСКА - ПАВЛОВСКА, ДИРЕКТОРКА НА КЛИНИКАТА ЗА ПЛАСТИЧНА И РЕКОНСТРУКТИВНА ХИРУРГИЈА

Пациентките кои доаѓаат кај нас по направената реконструкција на дојки после мастектомија кажуваат дека повторно го чувствуваат своето тело како целина

Александар Ивановски / Д-р Ѓоргиевска - Павловска: На нашата клиника практикуваме безбедна, прецизна и персонализирана хирургија со тим што ве следи од прв преглед до последна контрола

Октомври е месец посветен на борбата против рак на дојка. Розовата боја се користи како симбол за подигнување на свеста од 1985 година. Првата идеја ја оформила и реализирала Американското општество за борба против ракот и од тој момент па се до ден денес розовата боја е симбол за борбата против рак на дојка.

Оваа иницијатива се реализира преку различни активности како настани за собирање на средства, информативни сесии, разнообразни кампањи и акции на социјалните мрежи. Основната цел е да се намали инциденцата на рак на дојка и да се подобри препознавањето и лекувањето на оваа форма на рак. Ракот на дојка е најчестата форма на рак кај жените низ целиот свет, но во последните години оваа состојба почна да се забележува и кај мажите.

Целта на Розовиот октомври е да ги поттикне жените и мажите да ги извршуваат рутинските прегледи на дојките, да бидат свесни за симптомите на ракот на дојка и да ја подигнат јавната свест за оваа болест.

На Клиниката за онкологија и радиотерапија во Скопје годишно се дијагностицираат околу 1.200 пациентки со рак на дојка. Ако пред десетина години имаше по 30 пациентки годишно кои ставале имланти на градите после мастектомија сега годишно реконструкција на дојки прават околу 150 жени, која е под товар на Фондот за здравстено осигурување (ФЗОМ), вели во интервју за „Република“ прим. д-р Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, специјалист по општа хирургија, супспецијалист по пластична и реконструктивна хирургијa, директорка на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје.

Што подразбира поимот реконструкција на дојки по мастектомија?

Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Реконструкцијата на дојки по мастектомија едноставно кажано е оперативна процедура со која што се враќа обликот, изгледот и големината на дојката по нејзино отстранување поради присуство на карцином. Постојат повеќе оперативни техники за реконструкција на дојката дел од нив се со вградување на експандери, импланти или реконструкција со сопствено ткиво. Целта е жената која што минува низ таков тежок процес да ја врати својата самодоверба и да се почуствува повторно убава и своја.

Кога пациентката е соодветен кандидат за реконструктивна хирургија?

Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Секоја жена после мастектомија е соодветен кандидат за реконструкција на дојка иако во предвид треба да се земат повеќе фактори. Пациентката пред се треба да биде онколошки стабилна, психолошки да е спремна за оперативниот зафат и во консултација со пластичниот хирург да има реални очекувања за придобивките и за ризиците кои што секоја оперативна интервенција ги носи со себе.

Д-р Ѓоргиевска – Павловска: Реконструкцијата на дојка после мастектомија е многу битен и клучен чекор во процесот на рехабилитација кај една жена / фото: Александар Ивановски

Колку е важна реконструкцијата на дојките за психолошката и физичка рехабилтација на жените?

Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Според истражувањата што се прават реконструкцијата на дојка после мастектомија е многу битен и клучен чекор во процесот на рехабилитација кај една жена. Често пати пациентките кои доаѓаат кај нас после направената реконструкција кажуваат дека повторно го чувствуваат своето тело како целина, а пак од моја гледна точка посебно е чувството да гледаш како на пациентката постепено и се враќа самодовербата и добива уште една голема битка во животот- битката за себе. Сепак, не сите пациенти се одлучуваат во првите моменти за реконструкција и прифаќањето на новиот изглед е исто така храбар избор. Важно е да се нагласи дека процесот на рехабилитација не е само физички, туку и психолошки и емоционален. Поддршката од семејството, партнерот и медицинскиот тим има огромно значење, бидејќи жената не поминува само низ уште една операција– таа минува низ процес на повторно откривање на себе.

Кои типови на реконструкција постојат? Импланти, сопствено ткиво, комбинација? Кои хируршки техники ги применувате на Клиниката?

Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Сите горенаведени методи се применуваат на нашата клиника. Најчесто барана метода е со вградување на импланти кои што можат да бидат во две фази со вградување на експандер, па потоа имплант или директна реконструкција со вградување на имплант. Друга опција е со сопствено ткиво, тоа значи (автологна реконструкција) – префрлување кожа/масно ткиво (понекогаш со крвни садови) од стомак (DIEP/TRAM) или грб. Дополнителни техники кои се применуваат се липофилинг (префрлање сопствена маст за пополнување/фино моделирање) и реконструкција на брадавица и ареола.

На Клиниката ги применуваме сите горни пристапи; изборот е индивидуален според телесната градба, онколошкиот план и желбите на пациентката.

Дали реконструкцијата се прави веднаш по остранувањето на дојката или по одредено време? Од што зависи?

Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Секако, возможно е реконструкцијата да се направи веднаш во истиот акт после мастектомијата и тогаш ја нарекуваме примарна реконструкција на дојка или после одредено време – секундарна реконструкција.

  • Веднаш во истиот акт реконструкцијата се прави заедно со мастектомијата. Погодна е кога онколошката состојба го дозволува тоа и кога нема извесно постоперативно зрачење. Предност е помал број операции и подобра кожна обвивка.
  • Одложено – после завршена онколошка терапија (месеци или година+ подоцна), често ако имало или се планира постоперативно зрачење или ако здравствената состојба треба да се стабилизира.
    Одлуката е мултидисциплинарна и секогаш во интерес на онколошката безбедност и безбедноста на пациентот.

Колку трае процесот на реконструкција и колку трае времето на заздравување?

Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Во зависност од изборот на оперативната процедура зависи и колку ќе биде времето на интервенцијата, па така кај најчестата метода со вградување на имплант или експандер операцијата трае околу 1 час; болнички престој 1–3 дена; враќање на лесни активности за 2 недели; целосно заздравување 4–6 недели; ако има експандер, следуваат амбулантски полнења 3-4 месеци по што следи и втора, пократка интервенција за замена со имплант. Во истиот акт за време на вградувањето на имплантот, може да се направи и редукција или зголемување на другата – здравата града со цел да се постигне симетрија во истиот акт, па така интервенцијата може да трае и подолго околу 2-3 часа. Кај автологната реконструкција операцијата трае 6–8 часа, престојот во болница е 4–7 дена, почетно заздравување 4–6 недели по што следат и дополнителни интервенции за оформување, односно постигнување на симетрија со другата града , евентуален липофилинг или оформување на нова брадавица после 3–6 месеци.

Изјавивте дека ако пред десетина години имаше по 30 пациентки годишно кои ставале имланти на градите, сега годишно реконструкција на града прават од 120 до 150 жени, која е под товар на Фондот за здравстено осигурување. Дали овие бројки се сменети?

Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Трендот останува растечки благодарение на поголемата информираност на пациентките и тимскиот пристап. Во нашата практика во последните години бројот генерално се движи во благ пораст (околу 150 годишно), со годишни варијации зависно од онколошките индикации. Финансирањето преку Фондот останува клучен момент за овие пациентки.

Кој има право да прави реконструкција на дојки на товар на Фондот на Клиниката и за колку пациенти имате одобрување од Фондот дека ќе ги покрие трошоците?

Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Право за реконструкција на дојка на товар на Фондот имаат пациентки со онколошка индикација (мастектомија поради рак или висок ризик) согласно важечките упатства на Фондот и медицинската документација. Одобрението се добива по индивидуално барање со приложени извештаи (онкологија, патохистологија, торакален хирург). Бројот на одобрени случаи се планира програмски според потребите од претходната година; ние ги закажуваме сите пациентки кои се соодветни кандидати и кои сакаат да направат реконструкција на градата после мастектомија.

Како може една пациентка да се информира и да започне постапка за реконструкција преку Клиниката?

Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: За наједноставно информирање најбрз пристап е нашиот вебсајт www.plasticsurgery.com.mk/ каде што може да се разгледаат услугите кои штo ги нуди нашата клиника како и општи информации за сите интервенции, a за започнување на процесот треба преку својот матичен лекар да побараат термин за на нашата клиника, и на прегледот да дојдат подготвени со сите претходни документи и извештаи во врска со нивната состојба (хистопатологија, тековни снимки, извештај од онколог и торакален хирург) уредно подредени и секако да ги постават прашањата кои ги имаат на специјалистот кај кој што ќе се јават.

Дали имате случаи кога пациентките се откажале од реконструкција и зошто?

Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Иако ретко, се случувало пациентките да се откажат од интервенција најчесто тоа е поради страв од операција, недоволна поддршка од најблиските или семејството, чувство на осуда од околината, како и поради лични убедувања и работни обврски.

Д-р Ѓоргиевска – Павловска: Важно е да се нагласи дека процесот на рехабилитација не е само физички, туку и психолошки и емоционален / Фото: Александар Ивановски

Што им советувате на жените кои се двоумат дали да се подложат на реконструкција?

Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Разбирливо е да постои сомнеж и доза на страв кога нешто не ни е познато. Затоа ве охрабрувам да закажете преглед, каде што со внимание ќе ви го објасниме секој чекор, што да очекувате, ќе ги разгледаме сите опции кои ве интересираат, ќе симулираме големина или форма и ќе разговараме за недостатоците и ризиците кои што ги носи секоја оперативна интервенција. Исто така можам да напоменам дека на нашата клиника практикуваме безбедна, прецизна и персонализирана хирургија со тим што ве следи од прв преглед до последна контрола.

Што би им порачале на жените кои се соочуваат со рак на дојка и се плашат од хируршки интервенции?

Д-Р ЃОРГИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Понекогаш најголемата храброст е да излезеш од сопствената комфорт зона, а нашата клиника е секогаш достапна за вас за да ви помогнеме да излезете од таа зона.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Република

Поврзани вести