
Епидемиолозите се во редовна комуникација со двете позитивни лица на мајмунски сипаници, како и со посочените контакти. Двете позитивни лица на мајмунски сипаници се во добра здравствена состојба, соопштија денеска од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Како што потенцираат, нема нови суспектни случаи на мајмунски сипаници испратени на тестирање и нема нови позитивни случаи. Никој од посочените контакти не пријавува симптоми на мајмунски сиоаници.
ИЈЗ претходните денови објави препораки до граѓаните на веб страната, отвори 2 (две) нови линии за консултации на граѓани и здравствениработници. Воедно ИЈЗ изработи водич за здравствени работници со препораки и патеки на движење за суспектни случаи на мајмунски сипаници кој беше доставен до Министерството за здравство и од таму проследен до надлежните здравствени институции, велат од Институтот.
Од Институтот соопштија дека во текот на следните денови ќе биде организирана и онлајн обука за здраствени работници за следење на протоколите.
Како што појаснуваат, засега ризикот за ширење на оваа болест во нашата држава останува низок, со оглед на брзата реакција и преземените активности од страна на институциите.
Институтот за јавно здравје, Министерство за здравство, заедно со останатите надлежни институции се во постојана комуникација и координација и остануваат посветени во следење на актуелната состојба како и справување со истата, се вели во соопштението на ИЈЗ.