Skip to main content

Одбележан Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа

По повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, денес во Хотел Александар Палас во Скопје се одржа настан посветен на психосоцијалните аспекти на работата, стресот, менталното здравје на работниците и потребата од создавање здрави психосоцијални работни средини. Настанот беше организиран во рамки на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Македонија“, кој го имплементира Меѓународната организација на трудот (МОТ) со финансиска поддршка од Европската Унија.

Во фокусот на настанот беше пораката дека безбедноста и здравјето при работа не се сведуваат само на физичка заштита, туку подразбираат и системска грижа за менталната благосостојба, организацијата на работата, превенцијата на стресот и создавањето работни средини во кои луѓето можат да работат достоинствено, безбедно и продуктивно. Оваа тема е во согласност и со пошироките цели на проектот, кој има за цел да придонесе кон посовремена, поинтегрирана и превентивна национална рамка за безбедност и здравје при работа, усогласена со стандардите на МОТ и ЕУ.

Настанот беше отворен со поздравни обраќања на претставници на институциите, Европската Унија, МОТ, работодавачите, синдикатите и Советот за безбедност и здравје при работа, кои упатија заедничка порака дека справувањето со современите ризици на работното место бара координиран пристап, силен социјален дијалог и јасна определба за превенција.

Гани Максути, директор на Државен инспекторат за труд, во состав на Министерството за труд и социјална политика, истакна дека „компаративно со податоците за 2024 година, имаме намалување кај повредите при работа со смртни последици. Тоа е 13 во сооднос со 8 — значи минус 5 смртни случаи. За БЗР, планирани надзори за 2025 беа 8,922 надзори, а извршени се 10,748, при што имаме зголемување од 20%“.

Додавајќи дека „само со системски пристап од сите релевантни чинители може да се овозможи несаканите последици, како што се тешки повреди со смртни последици и повреди при работа, професионалните болести и болести поврзани со работа, да се сведат на минимум.

Александру Албу, Советник на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, порача дека „Европската Унија силно ја поддржува Македонија во напорите да изгради модерна култура на превенција со европски стандарди за безбедност и здравје при работа кон целосен пристап кон благосостојбата на работниците:

Работата не е само договори, плати или продуктивност. Таа е достоинство, баланс, почит и ментална благосостојба. Затоа Европската Унија поддржува градење култура на превенција, каде што условите за работа ги штитат и зајакнуваат луѓето, наместо да ги преоптоваруваат“.

Проф. д-р Јасмина Чалоска, Претседателка на Советот за БЗР, нагласи дека „безбедноста и здравјето при работа не смеат да бидат тема на јавноста само кога ќе се случи трагедија на работното место. Тие мора да бидат постојан приоритет и дел од секојдневното работење.

Ова е област која не трпи одложувања, политиканство или суети. Напротив, бара исклучително високо ниво на индивидуална и колективна одговорност од сите учесници во системот.

Искрено се надевам дека во иднина ќе сведочиме на значително намалување на ваквите настани, па дури и на нивно целосно спречување“.

Владанка Трајкоска, Претседателка на ОРМ, истакна дека работодавачите имаат важна улога во создавањето здрави организациски култури:

Дизајнирањето на здрави психосоцијални работни средини мора да се гледа како процес: од подигнување на свеста, кон конкретни мерки и системски пристап. Тоа значи отворена комуникација, превенција на стрес, поддршка на вработените и градење организациска култура во која менталното здравје е приоритет“.

Слободан Трендафилов, Претседател на ССМ, потенцираше дека „мораме да се сеќаваме на мртвите, а да се бориме за живите. За жал, денеска во Македонија не е безбедно да дојдете на работа и да се вратите дома — поздравувањето со семејството пред одење на работа не смее да биде последно. Денеска зборуваме за психосоцијалните ризици на работните места, но не смееме да ги заборавиме и психосоцијалните ризици со кои се соочуваат семејствата кои загубиле најблизок поради несреќа на работа. Наместо да се соочуваме со 72-часовни работни недели кои се надвор од сите меѓународни стандарди, мораме преку колективни договори да ја бетонираме заштитата и достоинството на работникот.“

Ангел Панев, Потпретседател на Совет за БЗР при КСС, посочи дека темата бара вклучување на сите социјални партнери:

Овој ден е комеморација за сите кои ги загубиле своите животи на работните места, но и обврска за сите нас – социјалните партнери, струката и науката – да создадеме услови во кои идните генерации ќе имаат многу помалку проблеми на своите работни места.“

Г-дин Емил Крстановски, Национален координатор – МОТ, повика кон неопходна итна трансформација, истакнувајќи дека луѓето кои ги губат своите животи при работа или поради работата не се само статистика — тие се нечии синови, ќерки, браќа, сестри, родители и сопружници. Мораме да се вратиме на темелните вредности на нашето општество: солидарноста и социјалната правда, наместо алчноста и сервилноста“.

Во рамки на стручниот дел од програмата, проф. д-р Сашо Столески говореше за психосоцијалните аспекти на работата, акцентирајќи ја важноста на превенцијата од психосоцијални ризици преку соодветен дизајн и организација на работата. Тој ја истакна заедничката одговорност на работодавачите, вработените и медицината на трудот во градењето култура на отворена комуникација, доверба и психолошка безбедност, со цел да се намали синдромот на согорување и да се поттикне продуктивна работна средина. Потоа, проф. д-р Драган Мијакоски се осврна на стресот и менталното здравје на работниците во контекст на европската истражувачка област, нагласувајќи ја клучната улога на европските мрежи (како COST акциите) во креирањето на докажани стратегии за интервенција. Тој истакна дека овие прашања бараат повеќеслоен пристап кој ги обединува научните истражувања и практичните решенија, со посебен фокус на новите предизвици како влијанието на климатските промени врз благосостојбата на вработените.

Во продолжение следуваа и онлајн вклучувања од меѓународни експерти на МОТ. Г-ѓа Клер Харасти, Директор на Канцеларијата на МОТ за Централна и источна Европа во Будимпешта, Жоаким Нунес Пинтадо, раководител на сектор за безбедност и здравје при работа во МОТ Женева, даде воведни согледувања за значењето на темата на глобално ниво, додека Манал Ази, експерт за политики и системи за безбедност од МОТ Женева, говореше за психосоцијалната работна средина: глобални трендови и насоки за делување, со осврт на потребата од политики што ја ставаат превенцијата во центарот.

Особено значаен дел од програмата беше презентацијата „Зошто психосоцијалната работна средина е важна? Искуство од Норвешка“, во која Каролине Гродал, виш советник во Норвешкиот авторитет за инспекција на трудот, сподели практични искуства и пристапи за тоа како институциите и работните организации можат системски да ги препознаваат и управуваат психосоцијалните ризици. Овој меѓународен пример даде дополнителна перспектива за тоа како превенцијата може да се претвори во реални механизми и политики.

Во сесијата посветена на проектот, Милан Петковски, проектен координатор при МОТ, се осврна на психосоцијалните рефлексии низ призмата на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Македонија“, нагласувајќи дека иако системот за безбедност и здравје при работа функционира (со 26.484 инспекциски надзори и 6.359 утврдени неправилности), податоците покажуваат дека фокусот сè уште е претежно на видливите, физички ризици. Во исто време, психосоцијалните ризици остануваат недоволно препознаени и евидентирани, иако имаат директно влијание врз здравјето, продуктивноста и организациската култура.

Настанот заврши со интерактивна работилница на тема „Дизајнирање здрави психосоцијални работни средини: од свесност до акција“, што ја водеа проф. д-р Драган Мијакоски и проф. д-р Сашо Столески. Работилницата овозможи дополнителна размена на ставови и искуства меѓу учесниците и отвори простор за дискусија за конкретни чекори што можат да се преземат во институциите, компаниите и организациите за подобра превенција и унапредување на менталната благосостојба на работното место.

Со денешниот настан беше испратена јасна порака дека иднината на безбедноста и здравјето при работа зависи од способноста на системот да ги препознае и адресира сите ризици – видливи и невидливи. Психосоцијалната работна средина, менталното здравје и квалитетот на работниот живот се важен дел од таа слика и мора да бидат интегрирани во јавните политики, институционалните практики и секојдневното функционирање на работните места.

Проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Македонија“ продолжува да работи на јакнење на националната рамка за безбедност и здравје при работа преку реформи, институционално јакнење, дигитализација, поддршка на социјалните партнери и подигање на јавната свест, со крајна цел – побезбедни, поздрави и поодржливи работни места за сите.