Skip to main content

Машките приказни што ги отворија вратите на нова култура на разговор

Во Битола се одржа првото издание на Свесност: LIVE sessions, концепт креиран за да отвори простор за искрен, зрел и терапевтски дијалог во урбана средина. Иако се случи во последните денови на ноември, месец што традиционално се поврзува со машкото и менталното здравје, тимот зад Свесност свесно реши да го напушти трендот на MOVEMBER и да го врати фокусот кон суштината: разговор, а не маркетинг. Станува збор за тим од пет лиценцирани психотерапевти од Битола, кои работат во областите на современа психотерапија, психоедукација и ментално здравје: Марина Кузмановска, Катарина Крстевска, Рената Димановска, Вики Тодоровска,Љупчо Кимовски Тие ја развија платформата Свесност:LIVE како отворено место за вистински разговори, надвор од терапевтската ординација, поблиску до секојдневието и луѓето.

Четири мажи, четири вистини. На првата сесија гостуваа четири различни гласови од спорт, медицина, медиуми и секојдневие и сите дојдоа со истата намера: да зборуваат искрено.

Стефче Стефановски – ракометна легенда, поранешен репрезентативец и селектор на националниот тим, зборуваше за тишините што ги знае само тимот, за падовите што никој не ги гледа и за тоа што значи да останеш лидер и кога резултатот не е на твоја страна.

Силата мораш да ја извадиш од себе, затоа што друга опција нема. На терен тимот ти држи грб, но во главата одиш сам. – е една од неговите бројни изјави.

Зоран Мишевски човекот што со години им дава глас на други, а овојпат зборуваше за себе. 32 години спортско новинарство, илјадници преноси, генерации спомени. Зоран зборуваше за животот зад микрофонот, за моментите кога јавноста ги слуша резултатите, а тој ги слуша сопствените стравови.

Кога се обидуваме да ги контролираме нештата тогаш чувствуваме најмногу стрес. Јас цел живот работам работа во која контролата не постои, рече Мишевски.

Третиот гостин беше Д-р Игор Спироски кардиологот што зборува и за срцето што не се гледа на ЕКГ. Познат интервентен кардиолог, дваесет години дел од Клиниката за кардиологија, сега дел и од тимот на Клиничката болница Битола. Д-р Спироски отвори тема што ретко се слуша од лекар, а тоа е психолошката страна на срцето.

Мозокот е второто срце. А срцето е втор мозок. И двете болат, и двете лекуваат.“ – кажа тој. Љупчо Кимовски ја водеше вечерта како вистински терапевтски простор, не како панел, туку како средба. Со смиреност, слух и вистински поставени прашања, ја извлече суштината: дека мажите навистина сакаат да зборуваат, само им треба место што не ги тера да глумат. „Кога разговорот е искрен, нема публика има луѓе.“ – кажа тој

Ноември одамна е месец на менталното и машкото здравје, но движењето MOVEMBER низ годините стана повеќе симбол отколку суштина. Мустаќите ја покрија пораката, брендовите ја покрија потребата, а разговорот исчезна.

фотограф: Јани Патче

Поврзани вести