Skip to main content
АСИСТЕНТ Д-Р ДАНИЕЛ МИЛКОВСКИ, СПЕЦИЈАЛИСТ ГИНЕКОЛОГ АКУШЕР, СУПСПЕЦИЈАЛИСТ ГИНЕКОЛОГ-ОНКОЛОГ

Карциномот на грлото на матката најчесто го гледаме кај пациентки кои подолго време не се јавиле на гинеколошки преглед

Александар Ивановски / Д-р Милковски: Вакцината за ХПВ е клучна за јавното здравје

Расте бројот на заболени од карцином на грлото на матката во нашата државата. Затоа е многу е битно да се охрабрат жените да се јават на гинеколошки преглед при кој би се направил скрининг тест за карцином на грлото на матката, затоа што карциномот на грлото на матката во нашата практична работа најчесто го гледаме кај пациентки кои подолг период не се јавиле на гинеколошки преглед, вели во интервју за „Република“, асистент д-р Даниел Милковски, специјалист гинеколог акушер, супспецијалист гинеколог-онколог при Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

Според податоците на Институтот за јавно здравје бројот на нови случаи за 2022 со рак на грлото на матка изнесува 173, а бројот на починати од ова заболување бил 66. Во 2021, имало 152 заболени и 41 почината. На што се должат овие бројки?

Д-Р МИЛКОВСКИ: Цервикалниот карцином е четврт малиген тумор кај жените во светот и претставува глобален јавно здравствен проблем, особено во многу земји со низок и среден степен на развој. Во овие земји каде што се случуваат поголемиот дел од новодијагностицирани и смртни случаи, напредокот во намалувањето на инциденцата и морталитетот од цервикален карцином е бавен, при што во последните години многу од нив пријавуваат зголемување на инциденцата или стапката на смртност од цервикален карцином како што е случај и со нашата држава.

Докажаната ефикасност на интервентните мерки, како што е вакцинацијата против најонкогените хуман папилома вирус што е централната причина за настанување на карцином на грлото на матката и скринингот, прави карциномот на грлото на матката да може да се превенира, да се детектира во рана фаза, а со тоа и да се излекува. Напредок во однос на намалувањето на инциденцата и смртноста од карцином на грлото на матката, досега е забележан претежно во земјите со висок степен на развој, каде што се имплементирани висококвалитетни скрининг програми, навремено лекување и последователна нега.

Во 2020 година, СЗО ја започна глобалната иницијатива за забрзување на елиминација на карциномот на грлото на матката и со тоа да ги намали меѓународните разлики поврзани со оваа болест.

Целта 90–70–90 на СЗО поставена со иницијативата која треба да се постигне до 2030 година бара 90% од девојчињата да бидат вакцинирани до 15-годишна возраст, 70% од жените да бидат скринирани со тест со високи перформанси најмалку два пати до 45-годишна возраст и 90% од жените идентификувани со преканцероза на грлото на матката или вистински инвазивен карцином да се лекуваат.

Д-р Милковски: Карциномот на грлото на матката може да се излечи ако се дијагностицира во рана фаза и се лекува навремено / Фото: Александар Ивановски

Какви се симптомите на ракот на грлото на матката во раната и во напредната фаза?

Д-Р МИЛКОВСКИ: Карциномот на грлото на матката може да се излечи ако се дијагностицира во рана фаза и се лекува навремено. Цел на сите овие програми и инцијативи е да се спречи настанокот на винстинскиот карцином на грлото на матката а со тоа да се превенира и настанокот на сите симптоми што ги дава овој карцнином. Симптомите за ова заболување се неспецифични и дел од оваие симптоми се јавуваат и кај други гинеколошки заболувања кој не се асоцирани со малигно заболување. Најчести симптоми се вагинално крварење кое е невообичаено вклучувајки го крварењето за време на сексуален однос, крварење помеѓу два менструални циклуси или крварење во менопаузалниот период, промени во вагинален исцедок, болка за време на сексуален однос, болка во долниот дел на грбот, карлицата и во долниот дел на стомакот.

Кои се најновите методи за дијагностицирање на рак на грлото на матката?

Д-Р МИЛКОВСКИ: Досега се проучувани различни модалитети на тестови за скрининг за цервикален карцином. Многу децении, скринингот за карцином на грлото на матката се базирал исклучиво на цитолошка анализа на цервикалните клетки односно ПАП тест. Во многу земји како што е и нашата и денес скринингот се уште се базира на цервикална цитологија. Сепак, фактот дека огромното мнозинство на карциноми на грлото на матката се резултат на постојана инфекција со високоризични ХПВ вирус доведе до спроведување на примарен ХПВ скрининг во многу развиени земји.
Цитолошки базираниот ПАП тест и HPV тестирањето широко се употребуваат во идентификација на цервикалниот карцином и неговите преканцерозни лезии во различни земји во светот. Цитологија комбинирана со ХПВ тестирање многу често се изведуваат заедно за подобрување на скринингот на пациентки за цервикален карцином.

СЗО препорачува користење на HPV тестирање како примарен скрининг тест наместо цитологија во пристапите за скрининг на секои пет години. Онаму каде што ХПВ скринирањето сè уште не е имплементирано, СЗО предлага редовен скрининг со цитологија во интервал од три години како примарен скрининг тест меѓу општата популација на жени. Секако, поле на истражување се и нови тестови за скрининг од кои најобемно истражувани се генотипизацијата на ХПВ, метилацијата на ХПВи двојното цитолошко боење со p16/Ki67.

Дали постојат генетски предиспозиции или други фактори кои го зголемуваат ризикот од појава на оваа болест?

Д-Р МИЛКОВСКИ: Најголемиот ризик за карцином на грлото на матката е инфекција со високоризичен ХПВ вирус. Инфекциите со ХПВ претставуваат речиси единствена причина за настанување на карцином на грлото на матката. Јасни докази за наследни фактори на ризик за развој на цервицкален карцином нема, некои истражувачи работат на таа тема која се уште е во фаза на истражување.

Постојат фактори на ризик за прогресија на ХПВ инфекцијата во инвазивен карцином кои вклучуваат, степен на онкогеност на типот на ХПВ вирусот, имунолошки статус на пациентката, присуство на други сексуално преносливи инфекции, број на породувања, млада возраст со првата бременост, употреба на хормонални контрацептиви и пушење како еден од најважните фактори.

Матични гинеколози побараа да се сменат превентивните мерки, меѓу кои и ПАП-тестот да се замени до ХПВ-тест, како поверодостен тест за откривање на ракот на грлото на матката. Можете ли да ни објасните зошто е подобро да се прави ХПВ-тест отколку ПАП?

Д-Р МИЛКОВСКИ: Во земјите кај кои што цитологијата се уште претставува прва линија за скрининг за цервикален карцином како што е нашата држав,а менаџментот на пациентките е вистински предизвик поради ниската чуствителнот на тестот која се движи околу 50% пред се поради големиот број на лажно негативни резултати. Затоа ние гинеколозите овој тест го надополнуваме со дополнителни дијаностички процедури кој ни овозможуваат да се детектираат промените на грлото на матката уште пред да се јави вистинскиот карцином на грлото на матката.

Од друга страна HPV детекцијата се етаблира како скрининг метода во се поголем број од развиените земји, а кон која тежнеат и земјите во развој. Огромен е и предизвикот за понатамошниот третман на пациентките, кои ќе бидат позитивни, со овој начин на тестирање поради високата точност на тестирањето но, недоволниот број на податоци за степенот на промените кој ги направил ХПВ вирусот. Затоа во нашата практична работа ги користиме и двата теста за уточнување на дијагнозата кај пациентките. Оттука се јавува и потребата за скрининг метода, на која работи научниот свет која ќе биде надополнување на постоечките скрининг програми, со која ќе се зголеми точноста и на двата теста.

Пред околу една година со гордост можам да кажам дека календарот за имунизација е осовременет со 9 валентна вакцина / фото: Александар Ивановски

Што е потребно за да се воведе ХПВ-скрининг?

Д-Р МИЛКОВСКИ: Економските проценки и анализа за достапност на ресурси, тестови и специјалистички потенцијал од релевантни институции и здруженија се неопходни пред донесување на одлуката за инкорпорирање на овој тест за скринирање за карцином на грлото на матката во нашата држава пред се поради неговата висока цена. Овој систематски пристап треба да ги анализира придобивките од овој начин на скринирање и начинот на мобилизација на пациентките во нашата држава. Тука сакам да напоменам дека некои држави воведуваат и Self testing за ХПВ за скринирање на општата популација при што пациентките го добиваат тестот и во домашни услови замаат примерок и истиот го праќаат на анализа во референтна лабораторија која ќе направи анализа на примерокот и за истиот ќе даде повратен одговор.

И покрај апелите на лекарите, ХПВ-вакцинацијата, како најдобра превенција од рак на грлото на матката не е задоволителна во Македонија. Зошто има голем опфат на ХПВ вакцини во Д. Хисар, а мал во Скопје, Охрид и Битола?

Д-Р МИЛКОВСКИ: ХПВ вакцината во нашата држава е воведена пред 15 години како четиривалентна вакцина. Пред околу една година со гордост можам да кажам дека календарот за имунизација е осовременет со 9 валентна вакцина. Вакцинацијата против HPV е безбеден и ефикасен начин за спречување на карциномот на грлото на матката и другите ХПВ асоцирани болести. Gardasil 9 е вакцина одобрена за жени и мажи на возраст од 9 до 45 години и е одобрена за спречување на преканцерозни лезии и карциноми предизвикани од седум високоризични ХПВ типови и два кои предизвикуват генитални брадавици.

Препорачуваме рутинска вакцинација против ХПВ за девојчиња и момчиња на возраст помеѓу 12 – 15 години бидејки на таа возраст се постигнува најдобар имунолошки одговор на организмот. ХПВ вакцината се дава како серија од две или три дози, во зависност од возраста кога прв пат се аплицира вакцината. Вакцината за ХПВ е клучна за јавното здравје, а веројатно лажните вести и дезинформациите што се пласираат од нестручната јавност за безбедноста на вакцината придонеле да се јави таа дискрепанца на опфатност во различните градови во нашата држава.

Дали има доволно лаборатории за да се вршат цитолошки анализи?

Д-Р МИЛКОВСКИ: Секако дека нашата држава треба да се стреми во вложување во дополнителни лабораториски ресурси и специјалистички потенцијал за побрза обработка на земените примероци, но нешто што сметам дека е побитно е да се охрабрат жените да се јават на гинеколошки преглед при кој би се направил скрининг тест за карцином на грлото на матката затоа што карциномот на грлото на матката во нашата практична работа најчесто го гледаме кај пациентки кои подолг период не се јавиле на гинеколошки преглед.

Д-р Милковски: Вакцинирање на момчињата е од двоен бенефит / фото: Александар Ивановски

Освен вакцинација, дали постојат и други мерки кои може да го превенираат ракот на грлото на матката?

Д-Р МИЛКОВСКИ: Треба да потенцираме дека вакцинацијата против ХПВ како примарна превенција е најдобриот начин за превенција не само на карциномот на грлото на матката туку и на останатите хпв асоцирани болести. Како секундарна превенција се секако упатствата за облигаторните скрининг програмите со висококвалитетни тестови и редовните гинеколошки прегледи кај пациентките. Ризикот од развој на карицном на грлото на матката може да се намали и доколку се практикува безбеден сексуален однос односно употреба на презервативи, откажување од пушењето.

Зошто е важно, освен девојчињата и момчињата да се вакцинираат со ХПВ-вакцина?

Д-Р МИЛКОВСКИ: Вакцинирање на момчињата е од двоен бенефит, најпрво се спречува момчињата да бидат трансмитери, односно да ја пренесуваат ХПВ инфекцијата, но и самите да бидат заштитени бидејќи и кај нив можат да се јават други заболувања кој се ХПВ асоцирани.

Најчестите ХПВ асоцирани болести кај жените се карцином на грло на матката, кацином на вагина и анус, додека кај мажите тоа е карциномот на пенисот, карцином на анусот но, и кај двата пола забележан е пораст на орофарингијалниот карцином. Се проценува дека ХПВ-вакцината може да спречи 70 проценти од случаите на цервикален карцином, 80 проценти од анален карцином, 60 проценти од вагинален карцином, и покажува повеќе од 90 проценти успешност во спречувањето на ХПВ-асоцирани орофарингеални карциноми.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Александар Ивановски

Поврзани вести