![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2024/12/vodno-mileniumski-krst-magla-oblaci-vremenska-prognoza.jpg)
Загадувањето на воздухот, т.e. дури и кратко изложување на загаденост, го намалува вниманието и лошо влијае на способноста за расудување.
Имено, како што пишува „Гардијан“ (The Guardian), способноста на човекот да се сосредоточи на секојдневните задачи е повлијаено и од најкуса изложеност на загаден воздух, покажа истражувањето спроведено во Велика Британија. Истражувањето, објавено во списанието „Нејчр комјуникејшнс“ (Nature Communications), покажа дека изложеноста на високо ниво на ПМ-честички влијае на селективното внимание и препознавањето на емоциите кај испитаниците – без разлика дали дишат нормално со нос или преку устата. Ова може да влијае на способноста на поединецот да се концентрира на задачите, да избегнува одвлекување на вниманието, па и да се однесува општествено прифатливо.
Учесниците (во испитувањата, з.п.) изложени на загаден воздух не покажаа добри резултати кога им беше привлечено вниманието. Тоа значи дека можеби ќе бидете расеан во секојдневниот живот. Купувањето во супермаркет е добар пример… Може да значи дека ќе бидете повеќе склони кон импулсни купувања додека шетате низ продавницата, бидејќи не можете да се фокусирате на Вашите цели, објасни д-р Томас Фајерти од Универзитетот во Бирмингем, еден од испитувачите.
Научниците ги анализирале податоците од когнитивни тестови кои 26 учесници ги завршиле пред и откако биле изложени на високи нивоа на ПМ-честички, користејќи чад од свеќа и чист воздух, со изложеност во траење од еден час.
Загаденоста на воздухот е еден од најголемите фактори на ризик за јавното здравје во светот. Светската здравствена организација проценува дека загадувањето на воздухот на отворено предизвикува околу 4,2 милиони предвремени смртни случаи во светот годишно.
Испитувањето, исто така, покажа дека учесниците имале полоши резултати и во препознавањето на емоциите по изложеноста на ПМ-честици.
Тие полошо препознаваат лице, во смисла – дали е исплашено или среќно, а тоа може да има последици за тоа како се однесуваме со другите луѓе, рече Фајерти.
На тој начин, некои истражувања го поврзуваат загадувањето на воздухот со насилниот криминал, особено во градовите во САД. Од друга страна, пак, работната меморија на испитаниците не била засегната, што посочува дека некои функции на мозокот се поотпорни на краткорочна изложеност на загадување.
Истражувачите велат дека наоди би можеле да се искористат во значителни социјално-економски области, како и околу образованието и продуктивноста на работа.
Истражувањето беше спроведено кај клинички здраво возрасно население, што значи дека испитаниците беа во добра здравствена состојба и немаа клинички респираторни или невролошки проблеми… Инаку, одредени други групи може да бидат поподложни на овие влијанија, додаде Фајерти.
Студијата е дел од обликувањето на идните политики и мерки за јавно здравје.
Поголемиот проект ги проучува различните извори на загадување коишто се сѐ почести… Како што се испуштањата од апаратите за готвење, согорувањето дрва, издувните гасови од автомобилите и производите за чистење, за да видиме дали можеме да ја насочиме политиката во одредена насока. Ако знаеме дека производите за чистење ги предизвикуваат повеќето од проблемите што ги опишувам, тогаш можеме да влијаеме на политиките, појасни Фаерти.
Целта, се вели, е да се поправи работите што се погрешни во основа, наместо само да се мери што има во воздухот откако тој е загаден.