
Пациент од внатрешноста на земјата, на возраст од 69 години, починал во раните утрински часови на одделението за интензивна нега на Клиниката за инфективни болести во Скопје, откако кај него лабораториски била потврдена инфлуенца А.
Директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана, информира дека пациентот бил донесен во исклучително тешка здравствена состојба, со веќе развиена масивна бронхопневмонија и акутен респираторен дистрес синдром. Симптомите, како што посочи, се развиле пет дена пред хоспитализацијата, а поради сериозноста на состојбата бил поставен на механичка вентилација.
Пациентот имал повеќе коморбидитети и не бил вакциниран против сезонски грип, иако припаѓал на ризична група.
Во моментов, на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани околу 30 пациенти заболени од грип, од кои еден се наоѓа во потешка клиничка состојба. Претходно, на истата клиника почина и 75-годишна жена кај која исто така била потврдена инфлуенца А. И таа имала повеќе хронични заболувања и не била вакцинирана.
Од Клиниката информираат дека меѓу хоспитализираните доминираат повозрасни лица со компликации, најчесто со сериозно респираторно засегање. Во моментов таму се лекуваат околу 25 до 30 пациенти со потешка клиничка слика.

Македонски





