Skip to main content

Д-р Наунова Тимовска: Денес преживуваат и бебиња родени со екстремно мала гестациска возраст благодарение на современите протоколи и зголемената експертиза

Предвремено родените бебиња се мали воини, со храброст поголема од возраста. Токму во нивна чест, 17 ноември се одбележува како ден на љубов исполнет со хуманост, емпатија и заедничка надеж, ден посветен на подигање на свеста за предизвиците и товарот на предвременото породување во светот. Д-р Силвана Наунова Тимовска, неонатолог и претседател на Здружението на неонатолози на Македонија, дава свој професионален и личен осврт на предизвиците, напредокот и идните насоки во неонаталната нега, како и на значењето на заедништвото меѓу семејствата, медицинските професионалци и институциите.

Најголемите предизвици со кои се соочуваме во Македонија се недостаток на опрема и кадар, потреба од континуирана едукација и усогласување со современите стандарди. И покрај тоа, благодарение на мултидисциплинираниот пристап, подобрената опрема, современите протоколи и зголемената експертиза, денес преживуваат и бебиња родени со екстремно мала гестациска возраст. Се унапредија пристапите кон сурфактант заместителната терапија, неинвазивната вентилација и нутритивната поддршка, вели д-р Наунова Тимовска.

Според неа, иднината на неонатолошката грижа во земјата зависи од заедничките напори, при што Здружението на неонатолози игра водечка улога, фокусирајќи се на континуирана едукација преку конгреси, симпозиуми и обуки; стандардизација на неонатални протоколи низ земјата; воспоставување национален регистар на предвремено родени деца; поддршка на млади лекари и менторство за специјализанти и супспецијализанти, како и јакнење на врските со родителски здруженија и невладиниот сектор.

Соработката меѓу семејствата, медицинските професионалци и институциите е клучна, затоа што интегрирана мрежа на поддршка може да се изгради само ако сите засегнати страни делуваат координирано и во хармонија. Предвременото раѓање не е само медицинска состојба, туку животен настан што го засега целото семејство. Родителите се клучни партнери во неонаталната нега, а нивната улога треба да биде поддржана од општеството како целина. Компаниите можат да придонесат преку донации, опрема и поддршка за едукативни проекти, додека здравствените институции и креаторите на политиките имаат обврска да создадат одржлив систем на грижа.
Во изминатите години, Здружението го одбележува Светскиот ден на предвременото породување преку јавни трибини, стручни состаноци и симпозиуми, како и со симболично осветлување на објекти во виолетова боја, која го симболизира предвременото раѓање. Оваа година е планиран јавен настан, со учество на експерти и родители на предвремено родени деца, кои ќе споделат инспиративни приказни за надеж, храброст и безусловна љубов, со цел да ја зголемат јавната свесност и поддршка, додава д-р Наунова Тимовска.

Д-р Тимовска го поздравува вклучувањето на 17 ноември во Календарот на јавно-здравствени датуми од страна на Светската здравствена организација, нарекувајќи го „историски чекор што ја нагласува глобалната важност на темата и ја потенцира потребата од подобра меѓународна координација и поголема финансиска поддршка за програмите насочени кон превенција и третман на предвременото раѓање.