
Оваа година по одлука на Владата, Министерството за здравство првпат спроведе повеќегодишна набавка на антиретровирусни лекови. Со оваа набавка обезбедивме терапија до средината на 2027 година и истовремено го унапредивме изборот на терапија според најновите препораки на Светската здравствена организција (СЗО) и Европското клиничко здружение на СИДА. На тој начин го зајакнуваме квалитетот, континуитетот и здравствената заштита за сите лица што што живеат со ХИВ. И покрај ограничениот буџет, успеваме целосно да ги одржиме превентивните услуги и услугите за тестирање за ХИВ и други сексуално преносливи инфекции, особено за младите и за клучните засегнати заедници, изјави денеска заменик-министерот за здравство Јовица Андовски на отворањето на Национална конференција за ХИВ по повод 1 Декември – Светскиот ден за борба против ХИВ.
Министерството за здравство континуирано ја спроведува програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција, едно од најкомплексните, најсензитивните и најзначајните јавно-здравствени проблеми во државата. Во неа учествуваат бројни чинители, јавни установи, здравствени установи и 13 организации од граѓанскиот сектор, чии капацитети и експертиза се од суштинско значење. Програмата ја опфаќа превенцијата и третманот, а преку неа обезбедуваме современа, сигурна и квалитетна терапија за вкупно 459 лица кои живеат со ХИВ, рече Андовски.
Заменикот министер за здравство информира дека во 2024 година граѓанските организации обезбедиле превентивни услуги за 7 453 лица, а биле направени 1 086 тестирања при што биле откриени осум нови случаи на ХИВ кои, како што рече, сите веднаш биле вклучени на антиретровирусна терапија, како и оти ја цени нивната работа на терен, бидејќи успешно допираат до ранливите групи на граѓани.
Андовски нагласи дека Министерството за здравство заедно со Владата остануваат целосно посветени на целите за ставање крај на епидемијата за ХИВ. Најави дека ќе работат на зајакнување на превентивните програми, проширување на пристапот до тестирање, подобрување на психо-социјалната поддршка…
Амбасадорот на Швајцарија во земјава Кристоф Зомер пред почетокот на конференцијата истакна дека за да се намалат инфекциите со ХИВ вирусот потребен е сеопфатен пристап, кој ќе ја опфаќа примарната здравствена заштита, потребни се и предвидливи финансии, обезбедување услуги, усогласување и унапредување на работната сила со што ќе се направат социјални, општествени и структурни промени во ова поле.
На патот кон ставање крај на ХИВ вирусот и СИДА на глобално ниво, потребно е зајакнување на законската рамка што ќе доведе до безбедност, одржливост и предвидливост и вклучување на граѓанското општество во борбата со оваа епидемија. Швајцарија е долгорочен партнер на граѓанските здруженија во земјата преку својата програма „Цивика мобилитас“, рече швајцарскиот амбасадор. Посочи дека Швајцарија придонесува во борбата со ХИВ вирусот на глобално ниво, во програми за превенција, третман… Ивестирани се 64 милиони швајцарски франци за борба против СИДА, маларија и туберкулоза за период од 2026 до 2028 година.
Претставникот на Светската здравствена организација и шеф на канцеларијата во земјата д-р Аким Али изјави дека оваа конференција е важна и е начин за да се одбележи 1 Декември. Посочи дека е важно што граѓанските организации од земјава соработуваат со меѓународни и национални партнери, како што е СЗО.
-Релевантно е да се спомене што и денес се уште постојат нови случаи на дијагностицирани лица со ХИВ вирусот. Повеќе од 500 лица живеат со оваа инфекција во земјата. На глобално ниво и во рамки на ЕУ по пандемијата со КОВИД-19 се покажа дека се уште постои простор за акции и дејствија кои ќе го зајакнат јавното здравје со цел борба против вакви и слични инфекции, рече Али.
Тој кажа дека ја поддржуваат работата на МЗ и на Владата во борбата со ХИВ, и ја поздрави нивната соработка со граѓанските организации кои работат во оваа област. Според него, и покрај напредокот има простор за дополнителна работа и тоа во делот на поддршка за лицата кои работат на подигнување на свеста за ХИВ вирусот, даваат советодавни услуги и поддршка на лицата кои најмногу се изложени на ризик, а со цел, вели, за брза, навремена и ефикасна дијагноза и адекватен третман на лицата со ХИВ вирусот.
Програмската раководителка во ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување Оливера Стојковска изјави дека во фокусот е раната дијагностика, навремената терапија и одржливоста на превентивните програми.
Ние како земја одржуваме ниско ниво на преваленца на ХИВ и нашата земја може да се пофали со напредок во терапијата и грижата на лицата кои живеат со ХИВ. Податоците покажуваат дека 90 отсто од дијагностицираните ХИВ случаи се ставени на терапија, а 95 отсто од нив имаат успешен третман или 95 отсто имаат потиснат вирус. Нашиот најголем предизвик е раното дијагностицирање на вирусот. Се проценува дека денес во Македонија има околу 700 случаи на ХИВ позитивни, од кои 30 отсто не се дијагностицирани. Тоа значи дека секој трет човек што живее со вирусот не знае дека го има. Сето тоа на некој начин го продолжува тивкиот пренос на вирусот и го отежнува контролирањето на епидемијата, рече Стојковска.
Таа посочи дека има два начини на тестирање, преку здравствени установи и граѓански организации. Во 2024 година кај граѓанските организации со 393 спроведени тестирања кај една од клучните популации, откриени се осум нови случаи на ХИВ, што претставува 28 пати повисок процент на позитивитет од вкупниот јавен и приватен здравствен систем.
Андреј Сених, извршен директор во Здружение за поддршка на лицата кои живеат со ХИВ „Заедно посилни“ изјави дека глобална цел е до 2030 година да се дојде до крај на епидемијата на ХИВ.
Континуираната достапност на терапија е најважна за лицата кои живеат со ХИВ, таа овозможува здрав и нормален живот и го спречува понатамошниот пренос на вирусот. Оваа година првпат се обезбедија лекови за 24 месеци, што значително ги намалува ризиците од прекин на терапијата. Но, за навистина да го запреме растот на епидемијата мора да инвестираме во тестирањето и раната дијагностика, за секоја новодијагностицирана личност веднаш да добие современа терапија, изјави Сених.
Конференцијата се реализира во рамки на проектот „Унапредување на здравствените права на девојките, жените и ранливите групи“, финански поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата „Цивика Мобилитас“. Организатори на конференцијата се ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во партнерство со Здружението за поддршка на лицата кои живеат со ХИВ „Заедно посилни“, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари.

Македонски






