
Во недела, на 25 мај, по повод одбележувањето на Денот на Европа, Делегацијата на Европската Унија и мрежата на Јуроп Хаус организираат хуманитарна трка под наслов „Сите за Кочани – Трчаме заедно“. Трката ќе се одржи во седум градови низ државата: Скопје, Струмица, Крива Паланка, Битола, Велес, Струга и Тетово. Настанот има за цел да собере средства за погодените од неодамнешната трагедија во Кочани.
Во Скопје, трките ќе се одржат на Средно Водно. Трката од 5 километри започнува во 10:00 часот, додека трката на 10 километри ќе започне во 11:00 часот. Пристапот со возила кон Средно Водно ќе биде регулиран, а паркингот нема да биде достапен за возила. За таа цел, ќе биде обезбеден организиран бесплатен автобуски превоз од паркингот кај Цветен пазар до Средно Водно. Превозот ќе се одвива од 08:30 до 10:10 часот, а повратниот превоз ќе биде достапен од 12:00 до 14:15 часот.

Граѓаните кои ќе учествуваат во трката се охрабруваат да го користат организираниот автобуски превоз. Дел од автобусите кои ќе се користат се еколошки и се обезбедени со поддршка од Европската Унија, во рамки на напорите за одржлива мобилност и заштита на животната средина. За оние кои сакаат дополнителен спортски предизвик, пешачката рута од подножјето до Средно Водно останува отворена.
Подигнувањето на стартните броеви за учесниците од Скопје ќе се врши на 23 мај (петок) од 09:00 до 19:00 часот и на 24 мај (сабота) од 09:00 до 16:00 часот во просториите на Europe House Скопје. При подигнување е потребно да се приложи регистрацискиот број или потврдата добиена по е-пошта. За тимски пријави, доволно е еден член да ги подигне броевите за целиот тим. На денот на трката (25 мај) нема да се издаваат стартни броеви.

Во останатите шест градови, подигнувањето на стартните броеви ќе се врши на истите датуми и во истите временски интервали во просториите на локалните Јуроп Хаус канцеларии.
Трката е наменета за граѓани од сите возрасни групи, без разлика на физичката подготвеност. Пријавувањето е веќе затворено, а сите дополнителни информации за локациите и времето на трките можат да се најдат на социјалните медиуми на секој Јуроп Хаус поединечно.
Средствата собрани преку котизациите ќе бидат уплатени на Црвениот крст на Република Македонија и ќе бидат насочени кон поддршка на заедницата во Кочани. Дополнително, на денот на трката ќе биде поставена и кутија за донации од страна на Црвениот крст, каде што сите присутни ќе имаат можност да донираат дополнително.