
На почетокот на овој месец, преговорите за спојување на јапонските компании „Хонда“ и „Нисан“ дефинитивно пропаднале. Според јапонските медиуми, наводната причина е што „Хонда“, наместо здружување на силите на рамноправна основа, сакала „да го покори“ жилавиот „Нисан“.
На крајот на декември, вториот и третиот по големина производител на автомобили во Јапонија ги почнаа преговорите за спојување. Тоа требаше да доведе до создавање холдинг-компанија којашто ќе се најде на третото место во светот, според бројот на произведени возила, зад „Тојота“ и „Фолксваген“. Сепак, минатиот месец, тие разговори почнале да одат сѐ потешко, кога станало јасно дека компанијата „Хонда“ којашто е во подобра финансиска позиција, не е задоволна од темпото на реструктуирање во „Нисан“.
Последнава, пак, за лани има вкупна загуба од над 1,4 милијарди евра и објави план за можно отпуштање 9.000 од околу 130.000 вработени – со цел да ги намали загубите. Спроведувањето на тој план оди бавно.
Следствено, во јавноста протекоа податоци дека „Хонда“ нема намера да ја основа новата компанија на рамноправна основа, туку напротив, во склад со подобрата позиција на пазарот – да ја преземе улогата на мнозински сопственик и лидер. Се наведува и дека од „Хонда“ не само што барале „Нисан“ да спроведе побрза рационализација, туку и драстично намалување на производството и бројот на работници. Имено, било поднесено официјално барање до раководството на „Нисан“ за отпуштање на 40.000 нивни вработени.
Ова е очигледно сосем спротивно од она што во „Нисан“ го имале на ум во тие преговори, што може да се види и од изјавата на нивниот претседател Макото Учида, кој на заедничката прес-конференција на 23 декември рече дека „нема да има надредени и подредени“ во спојувањето на двете компании.
Токму тој сега најавува – за по прекинот на преговорите, дека неговата компанија ќе се сврти кон барање други можни партнери. „Нисан“, со сите свои слабости, е изложен на преземање, што, според тамошните медиуми, го планира и големата тајванска корпорација „Фокскон“. Се работи за производител на паметни телефони и друга електроника којшто има намера да се вклучи во автомобилската индустрија, и тоа преку купување на „Нисан“.