Skip to main content

Падовите на светските интернет-провајдери не се редок случај

Интернет-гигантот „Клаудфлер“ (Cloudflare) вчера претрпе пад на системот што привремено ги прекина голем број популарни услуги, како што се „Спотифај“, „Чет-ГПТ“,и мрежата „Трут сошл“ на Доналд Трамп.

Ова е последниот во низата големи прекини на интернет, откако проблем со „Амазон веб-сервисите“ го наруши секојдневниот живот на милиони луѓе минатиот месец, а неколку дена подоцна и „Азур“ на „Мајкрософт“ падна. Според експертите, ваквите настани се резултат на комбинација од зголемената зависност на општеството од дигиталните услуги, консолидацијата на клучната инфраструктура во рацете на само неколку компании и склоноста на луѓето да се жалат на технолошките проблеми преку интернет. Исто така, тоа покажува дека никој, дури ни најголемите технолошки компании, не е имун на технички дефекти.

Речиси и да не е важно колку добро е позициониран давателот на услуги во овие случаи, па дури ни колку е софистицирана ИТ-организацијата и инфраструктурата за приватен бизнис. Технолошките прекини како овие се многу, многу чести проблеми, рече Ајлин Хагерти, потпретседателка на фирмата за ИТ и кибер-безбедност „Нетскаут“.

„Клаудфлер“ соопшти за „Си-ен-ен“ (CNN) дека прекинот настанал поради технички проблем, а не на кибернапад. Според објаснението, проблемот е предизвикан од „конфигурациска датотека“ наменета за управување со заканите на мрежата. Проблемите пријавени на „Даундетектор“ (Downdetector) – страница за следење на ваквите падови, надминаа 2,1 милион. Самиот „Клаудфлер“ обработува просечно 81 милион ХТТП-барања во секунда.

Датотеката порасна над очекуваната големина и предизвика пад на софтверскиот систем што го обработува сообраќајот за голем број услуги на ‘Клаудфлер’,“ се вели во соопштението.

Главниот директор за технологија во „Клаудфлер“, Дејн Нехт сподели подробности на „Икс“. Накратко, рутинска промена на конфигурацијата го активирала багот, којшто „доведе до широко уривање на нашата мрежа и другите услуги“, вели тој, додавајќи дека веќе се работи на тоа – ова да не се случи повторно, и „да не предизвика ваква вистинска болка“ и фрустрации како оние вчера. Фактот дека три големи прекини се случија за помалку од еден месец, сепак, е случајност, се додава.

Многумина би рекле: „Фала му на Бога – ова никогаш не ни се случило нам.“ Според стручњаците, сепак, ова всушност може да му се случи на секој бизнис.

Бројот на прекини остана конзистентен, но бројот на веб-страници и апликации што се потпираат на овие услуги се зголеми, што го прави хаотичен за корисниците, објасни Анџелик Медина, раководителка на одделот за интернет-интелигенција во компанијата „Сиско таузенд-ајс“ (Cisco ThousandEyes).

Услугата за следење на мрежата на „Сиско“ досега регистрираше 12 големи прекини во 2025 година, не сметајќи ги оние на „Клаудфлер“. За споредба, во 2024 година имало 23, во 2023. – 13 и во 2022. – 10 падови.

Влијанието се чини големо, бидејќи поголемиот дел од интернетот се потпира на неколку клучни платформи за услуги, како што се „Амазон“, „Мајкрософт“ и „Гугл“, коишто го сочиунуваат „’рбетот“ на светската мрежа.

Пред 20 години, паѓањето на мрежата и ИТ-услугите беа вообичаени, ќе рече Мајк Чапл, професор на Универзитетот на Нотр Дам. – Не би било невообичаено да се помине една недела на работа со барем еден прекин на ИТ-услугата.

Според „Сиско“, некои вообичаени трендови се издвојуваат меѓу прекините во првата половина од 2025 година – каскадни дефекти, системи коишто изгледаат дека работат и покрај скриените проблеми и погрешни конфигурации. Иако овие трендови не се нови, се наведува дека се забележуваат повеќе видови прекини со подалекусежен опсег и последици. И, веројатно е дека ќе се случат повторно.

Поврзани вести