Skip to main content

Зимата пред нас ќе биде топла и со повеќе снег: Повремено ќе има и пониски температури, но ништо екстремно

Изминатиов подолг период во голем број од медиумите читаме и слушаме најави дека пред нас е зима на векот или најладна зима досега. Прогностичките модели не го кажуваат тоа и не даваат такви знаци. Прогностичките модели укажуваат на тоа дека зимата 2025/2026 година ќе биде потопла за еден до два степени од 30 годишниот просек. Сепак со оглед дека оваа зима ќе биде Ла Ниња зима, односно на Пацификот е активен климатолошкиот ладен феномен Ла Ниња па токму поради ова претстојната зима може да биде малку поладна само од последните неколку години, но не и најладна досега или зима на векот, таквата зима е далеку од нас, тврди метеопрогнозерот,Славчо Попоски.

Секако Ла Ниња оваа сезона ќе придонесе за повеќе врнежи како од дожд така и од снег, тоа значи дека снегот оваа зима ќе биде почеста појава кај нас и очекувам поснежна зима со поголем број на снежни денови, особено во повисоките населени места, планините и на скијачките центри. Поради Ла Ниња, растат условите да се соочиме и со повремени поголеми студови кои би предизвикале да имаме исклучително ниски температури на воздухот, но тоа не е нешто што не се случило во Македонија и ширум Балканот и секако нема место за никаква паника и ширење на истата, пишува тој на својата Фејсбук страна.

Според него Ла Ниња оваа сезона ќе донесе снег и во Скопската котлина и широкиот дел од Скопскиот регион.

Да напоменам дека сезонските метео анализи служат како резерва околу тоа како би се одвивале временските услови и развојот на временската состојба во Реублика Македонија. Секако истите не се во целост сигурни и поради тоа што се работи за долгорочно анализирање на времето промени во анализата секако дека се можни. Затоа граѓаните да ги следат моите секојдневни пократкорочни метео анализи кои се со голема веројатност за остварување, односно можност за остварување и за повеќе од 90 % сигурна метео анализа, пишува Попоски.

Поврзани вести