Skip to main content

Водици во Бигорски е чиста магија

Нека оваа света традиција продолжи да живее во овој крај и меѓу нас до крајот на светот, бидејќи и денес, како и во минатото, нашата прекрасна, од Бога откриена вера е изложена на различни искушенија и предизвици. Но, преку силната вера, со доверба во Божјата милост и сила, ние ќе ја зачуваме и ќе останеме здрави, и духовно и телесно, порача во својот благослов епископ Антаниски г. Партениј, на Реканското бдение во Бигорски – Тајната на Крстот и на Светото Богојавление.

На ова реканското торжество владиката кој ги повика сите присутни да живеат во светлината на Христовото Богојавление, да го носат Крстот со љубов и радост, и да бидат сведоци на вистината и на милоста Божја. Тој напомена дека оваа ноќ, полна со благодат и молитва, останува како сведоштво за нераскинливата врска на нашите предци со Крстот и за силата на верата што ги одржала низ вековите.

-Нека ни е за благослов на сите ова повеќечасовно бдение што го отслуживме вечерва, и благодатта од големиот празник на Светото Богојавление да ве опсипе со обилни духовни дарови и благослови! Со длабока радост Му благодарам на Бога што и оваа година на бдението присуствуваа и молитвено го отстоија многу млади луѓе, особено оние по потекло од овој крај, кои ја запазуваат светата традиција на кумството со крстот. Знаете, оваа древна традиција, предадена од нашите благочестиви предци, не е само обичај, туку една силна и жива врска со Христа, со Неговата Црква и со ближните, рече владиката.

Посочи дека таа ги одржала семејствата и домовите во овие краишта, бидејќи преку неа се зачувува не само нашиот род, туку и непроценливото богатство на нашата спасителна вера.

Иако процесите на миграција го направиле своето, така што многумина од нашите Христијани се отселиле одовде на различни места во нашата од Бога чувана и возљубена Македонија, но и во странство – сепак, каде и да се, тие се навраќаат кон своите корени, ги чуваат своите домови и храмови, токму заради оваа света традиција – кумството со крстот, кумството со Христа. Оваа манифестација не е само спомен на минатото, туку животен патоказ кон вечноста. Таа е потсетник дека сме повикани не само да го чуваме она што ни е предадено во наследство, туку и да го умножуваме. Кумството на крстот е повик на љубов, на пожртвуваност и на верност. Да се молиме оваа благословена традиција да продолжи да живее и понатаму, за и идните поколенија да ги држи блиску до Бога, до Неговата Црква, до светлината на нашата преубава вера, нагласи владиката Партениј.

Според него ова кумството на крстот, за коешто многупати сме зборувале, е една мошне длабока и света појава, показ и доказ за посветеноста кон Христа, со корени што се протегаат низ вековите. Ова кумство, овој свет завет со Крстот Христов, не е само една убава фолклорна традиција, туку, пред сè сведоштво за вистинска, храбра, пожртвувана љубов кон Христа, која се одразувала дури и во најтешките времиња за нашиот народ.

-Имено, во времето на Отоманската Империја, кога Христијаните биле изложувани на многубројни искушенија и притисоци да ја напуштат својата татковска вера, кумството на крстот станало еден од најсилните начини да се утврди верата кај народот, дека луѓето ќе останат верни на Христа, па макар и по цена на своите живите. Тие, иако веќе крстени во Христовото име, се закумувале со светиот крст, како знак на дополнително заветување за верност. Го земале крстот во своите домови, го чувале со љубов и побожност во текот на годината, и преку тоа ја покажувале својата решителност: дека под никаков притисок, под никакви закани или искушенија, нема да ја напуштат својата вистинска богооткриена вера. Кумството со крстот било не само личен, туку и семеен и општествен завет – израз на единство со Бога, со семејството и со Црквата Божја. Оваа моќна традиција, предадена од нашите благочестиви предци, нè потсетува и денес дека верата не е само нешто што го наследуваме и примаме, туку нешто што го чуваме, го негуваме, го градиме и го сведочиме. Кумството на крстот е потсетник дека секој од нас е повикан да го земе својот крст и да Го следи Христа, без страв и без колебање, со љубов и со доверба во Неговата спасоносна сила, посочи тој.

Посебна радост во срцето ми носи, додаде владиката Партениј, тоа што гледам многу млади луѓе, особено меѓу кумовите, кои беа молитвено присутни на целото бдение. Ме радува особено и тоа што младите охриѓани кои се повторно присутни овде, познати по својата ревност за верата, покажуваат толкава љубов кон Господа, кон молитвата, кон богослужението.

-Нека Бог им подари обилен благослов, и ним, и на целиот град Охрид, кој е еден благословен центар на нашата свештена историја. Навистина е прекрасно што овие млади со молитва и со пост се подготвуваат да влезат во светите води на Охридското Езеро, за да го извадат светиот крст, кој оваа година таму ќе го положи нашиот почитуван Блаженејши Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан. Оваа слика на верност и молитва нека биде поттик за сите нас – да останеме блиску до Христа, да го чуваме преданието и да ја сведочиме нашата возвишена вера во светот со своите животи. Да сте живи и здрави и до Бога благословени, посака во својот благослов владиката Партениј на Реканското бдение во Бигорски – Тајната на Крстот и на Светото Богојавление.

Инаку, кумовите од мијачките села пристигнаа во светиот дом на Чесниот Претеча и Крстител, носејќи ги крстовите што ги чувале во своите домови през целата година – не само како знак на побожност, туку и како печат на својот завет со Христа Бога. Крстовите беа украсени со китка босилек и врвка од бел и црвен конец – белата боја како симбол на Воскресението и надежта, а црвената како спомен на маченичката крв и на подвигот за верата.

-Вчерашното бдение го собра не само локалниот народ и мијачките иселеници, туку и млади луѓе од повеќе места на нашата татковина. Од нив, пак, особено се истакнуваше групата благочестиви охриѓани, кои, како и секоја година, со својата радост и ревност, пристигнаа за да се помолат на Свети Јован Крстител на бдението и да го испросат благословот на Старецот владика г. Партениј, пред утрешното положување на светиот крст во Охридското Езеро, кога сите тие ќе поитаат по него во водата. На крајот од богослужението, младите охриѓани едногласно го испеаја празничниот тропар „Во Јордане“ пред работниот кабинет на Старецот, како химна на верата и радоста што ја носи овој голем празник, информираа од Бигорскиот манастир.

Додаваат дека на крајот од Светата Литургија, Старецот го изврши чинот на Големиот Богојавленски водосвет во манастирската фијала. Ова посебно богослужбено последование, исполнето со врховно богословие, ја објавува преобразбата на светот преку Христовото Крштение. Водата, осветена преку благодатните дејствија на Светиот Дух, станува извор на прероден живот, средство за исцеление и благослов. Таа не е само симбол, туку вистинско учество во новата реалност што Богојавлението на Јордан ја донесе во светот

Поврзани вести