Skip to main content

Студено утро со температури до -6 степени, на Попова Шапка речиси еден метар снег

Минимални температури до минус 6 степени се измерени утринава во земјава, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Најстудено било на Попова Шапка со -6 степени, додека -4 степени се измерени во Маврови Анови и Крушево. Во Берово температурата се спуштила до -2, во Прилеп до -1, а нула степени се измерени во Крива Паланка, Штип, Охрид, Претор и Виница. Еден степен над нулата е измерен во Скопје-Петровец, Велес, Тетово и Битола, два степени во Скопје-Зајчев Рид, Струмица и Кавадарци, три во Демир Капија, а најтопло било во Гевгелија со 4 степени.

Според податоците на УХМР, снежната покривка на Попова Шапка изнесува 97 сантиметри.

Од УХМР информираат дека времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а во раните претпладневни часови во северозападните делови ќе има услови за провејување на слаб снег. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој долж Повардарието повремено ќе засилува и локално ќе достигнува брзина до 60 километри на час. Максималната дневна температура ќе се движи од 5 до 12 степени.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со кратки сончеви периоди, со умерен, а во одделни делови од котлината повремено засилен северен ветер. Максималната температура во главниот град ќе достигне до 11 степени, соопшти УХМР.

Поврзани вести