
Времето и денеска ќе биде сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 36 до 42 степена.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 21, а максималната ќе достигне до 41 степен.
Во петок и во сабота ќе се задржи сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност и со температура која наместа ќе достигне и 43°C. Во недела ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, а температурата ќе биде во опаѓање.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) изнесе препораки за граѓаните, а Владата донесе Одлука со која ги обврза работодавачите од 23.07 до 26.07 да ги ослободат од работни обврски бремените жени и лицата постари од 60 години.
Министерството за здравство апелира населението да се придржува до постоечките препораки за самозаштита: престојување во разладени простории, особено од 11 до 17 часот, внесување доволно течности, избегнување алкохол и засладени пијалоци, носење лесна и светла облека, користење заштита за глава и очи и избегнување физичка активност во најтоплите часови.
ИЈЗ повика на почитување на мерките за заштита на здравјето на општата популација и на ранливите категории (градежни работници, земјоделци, сообраќајна полиција, работници за испорака и други лица кои работат во надворешни услови) при високи температури. Укажа да се земе предвид можноста за потенцијално работење онлајн, за флексибилно работно време, двократно работење, надополнување на изгубеното работно време и други модалитети. Воедно апелира да се избегнува работа на отворено од 11 до 17 часот и да се прават почести паузи со постојана достапност на течности и електролити.